Текст на Горан Стефановски напишан по повод Светскиот ден на книгата во 2005:
Народните поговорки и пословици се сликовити показатели на колективното искуство и паметење на еден народ, на неговиот начин на живот и неговите свесни и подсвесни желби и стравови. Тие се како и очите, прозорец на душата; прецизен барометар на состојбата на духот. Често, кога сакам да проверам како "дишам", се навраќам на нашите пословици.
Осмата книга од собраните дела на Марко Цепенков содржи над пет илјади поговорки и пословици. "Регистарот на реалии" наведува кој поим колкупати се јавува во нив. На прво место, со повеќе од тристотини јавувања, стои поимот "чоек". По него следат (по азбучен ред): арамија, Бог/Господ, болест, век, вода, вошки, газ, душа, дете, жена, збор, коњ, куќа, леб, мајка, очи, пари, работа и ум.
А еве како стојат работите со поимот "книга", кој се јавува само скромни три пати, во следниве поговорки:
1) "Пеи песна како да гледа на книга."
Овој песнопоен коментар сведочи за интересна дијалектичка корелација меѓу оралната и книшката активност. Како да го запишал некој кој поседува сјајна интуитивна способност за пеење па се смета себе си рамен на сите за кои музиката е превасходно солфеж и нотен запис.
2) "Не знај да напои магаре вода, а не да пиши книга"
Ова критичко-саркастично осило сведочи дека нашиот народ одамна имал здрав и ироничен резон и темелна недоверба кон стихоклепците.
3) "Којшто знаи книга, поеќе знаи да се моли на Бога."
Овој духовен, филозофски и метафизички увид зборува дека кај нас отсекогаш се знаело дека во почетокот беше слово и се разбирала длабоката суштина на писмото и книгата. Сосем како што му доликува на народ кој ја ширел првата славјанска писменост.
Сето ова уште еднаш ја потврдува простата вистина дека нашиот човек не можеш да го излажеш за ништо, па ни за книгите. Е па штом е така, тогаш нека е честит Денот на книгата и на здравје!
Горан Стефановски, април 2005