Во 1930-тите, Џаспер Маскелин бил супер-ѕвезда, изведувајќи магионичарски трикови пред преполни сали низ Британија. Во 1931 постер за негов настап во лондонскиот Паладиум го претставувал како „најголемиот англиски илузионист“. На фотографиите изгледа како фраерче, со ерол-флиновски мустаќи и со смисол за хумор, на пример кога за документарец од 1937 голта десетина жилети и вели: „Многу се вкусни кога се свежи“.
Сепак, најголемите илузии кои ги имал направено се случиле на малку поинаква сцена - на терените за обука и боиштата во текот на Втората светска војна, каде раководел со тим кој изведувал масовна „хипноза“ - трикови кои најпрвин ги замајале претходно скептичните команданти. Тој на пример пред нив успеал во камуфлирање митралеско гнездо поставено буквално пред нивните очи, а подоцна и да создаде илузија на германски воен брод на Темза користејќи систем на огледала и макета.
Маскелин бил обучен во Центарот за камуфлажа во дворецот Фарнам во 1940. Но на часовите му било здодевно, бидејќи неговото сценско искуство со криење нешта го научила многу повеќе за камуфлажа отколку ова официјално школо. Сепак, тука неговиот талент бил забележан, па тој бил регрутиран да работи за МИ9 во Каиро. Создал мали инструменти кои им помагале на војниците да побегнат ако биле заробени и ги обучувал за техники на бегство, кои вклучувале користење на алатки како мали пили скриени во чешли или мапи на објекти големи колку карти за играње.
Најголемиот потфат сепак се случил на самото боиште, во 1942, за време на втората битка за Ел Аламејн или Операцијата Бертрам. Неговата техника на „чад и огледала“ и денес се изучува во воените академии. Сепак, неговите критичари велеле дека најголемата измама што Маскелин ја има направено е да ја убеди јавноста во својот придонес кон победата над нацизмот. Недоволните докази за истото биле причина за тоа што Питер Вир и Том Круз не го снимиле филмот „Воениот магионичар“ од 2003, кој требало да му биде посветен на Маскелин. Но нов филм за неговиот живот со Бенедикт Камбербач наскоро ќе ги открие и помалку познатите детали, а истото го прави и нова изложба „Шпиони, лаги и измами“, која се отвори во Лондон во септември а ќе биде отворена до април.