Постојано сте под стрес, сите очекуваат да им излезете во пресрет, денот го минувате во работи што не ве радуваат? Ајде малку олабавете и почнете да посветувате внимание на она што ви е важно!
Ова е генералната порака на книгата со фин наслов, која сугерира уште пофин метод за постигнување на наведеното. Клучното е да се има тн. „гајле буџет" којшто самите ќе си одлучите како ќе го распоредите, на кои нешта за кои навистина ви е гајле.
Да речеме дека утрото го почнувате со буџет од 10 поени. Веднаш му доделувате еден на детето, за да го нахраните и да го испратите во школо. Ако дента имате нешто важно на работа, на тоа може да му дадете три поена, а еден да потрошите на муабет со пријателка за време на пауза. И пак ви остануваат пет за да ги трошите до крајот на денот. Сите овие „бодови" всушност подразбираат количество внимание и енергија којашто ќе ја посветите на секоја од овие активности, што автоматски подразбира дека другите целосно отпаѓаат.
Можеби ќе имате лош ден кога некој друг, а не вие, ќе ви одземе дел од „поените", па вам ќе ви остане малку енергија и време за она што вие го сакате. Тогаш, токму затоа ресурсите ви се значајно скратени, е уште поважно како ќе ги распределите - нешто како храна што треба да ви трае цел ден, иако ја има малку.
Овој „гајле буџет" најдобро функционира во комбинација со методот на „Не-извини" (NotSorry Method), кој е комбинација на искреност и љубезност за да го добиеш она што го сакаш. Наречен е така затоа што ако добро се употребува, тогаш не мора никому да му се извинуваш (што го откачуваш, што немаш време за него итн.)
Насловот на книгата е асоцијација на еден друг водич, „Магија на раскревањето што може да ви го смени животот: јапонска уметност на организирање" (за којашто пишувавме тука). И оваа нуди некакво „средување" на мислите и животот, како тој да е шифоњер на којшто сте му посветиле внимание, сте го исфрлиле непотребното, а сте го излуфтирале убавото. Некои луѓе се некако природно талентирани да го прават ова, на други им треба малку помош, прво да разберат од каде им е воопшто нервозата, а второ да сторат нешто во врска со тоа. Ако сте од вториве, советите од книгава можат добро да ви дојдат.