Мјау и не-мјау

Мачката на Шредингер слави 80 години

Самата идеја на маче ставено во кутија со некаков отровен гас нè потресува од моментот кога прв пат чувме за експериментов. И немојте да ве лажат дека бил само мисловен и дека шансата таа да умре била пола-пола. Да го видам тој Шредингер да стави слон во кутијата.

Цајкан го застанува Шредингер и му го претресува багажникот. Му вика „Знаете дека имате мртва мачка позади?". Шредингер одговара: „Па, не можевме да бидеме сигурни додека не погледнавте".

Вицов е истовремено и смешен и не-смешен. И е еден од многуте кои се однесуваат на легендарната мачка на Шредингер која има статус на поп-икона, иако сите оние кои ја употребуваат не ги разбираат сите физичко-математичко-филозофски импликации на нејзиниот лик и крзнено тело.

Да потсетиме: австрискиот физичар Ервин Шредингер во 1935 го предлага следниов (строго теориски) експеримент: замислете кутија, а во неа мачка. Во кутијата има капсула со отровен гас, чија шанса да се активира додека кутијата е затворена сосе мачката внатре е 50-50%. Така, никој не знае дали мачката е жива или мртва сè додека не ја отвори кутијата да види. Тоа значи дека во тој момент на ниваму-нитаму таа е истовремено и жива и мртва.

Сето ова и нема толку врска со самата мачка (има и варијанти со кутии пица, па дури и со кит), колку со принципот на неопределеност, којшто различни луѓе (па дури и физичари, коишто - тешко е да се поверува - се исто така луѓе), го толкуваат различно: 1) дека она што е неопределено е самата реалност, којашто не може да се „одлучи" дали во неа мачката ќе биде жива или мртва,
или 2) дека она што е недоволно во тој момент е само нашето знаење за тоа како стојат работите (кои се всушност длабоко определени).

И додека оние што вистински се разбираат од работата превртуваат со очи на спомнувањето на некаква полумртва мачка како вулгаризација на целата теорија на Шредингер колнејќи го што ја смислил, други (како нас) се радуваат што постојат вакви прелевања од науката кон поп-културата (и обратно?), па и ние некогаш можеме да изгледаме паметни и да разбереме вакви референци расфрлани по книги и серии. Еве една од нив (нормално, од Биг бенг тиори):

Физичарот Шелдон на другар му, исто така физичар, Ленард:

„Во овој момент нашето пријателство постои во две контрадикторни состојби. Се додека ти или дојдеш или не дојдеш на забавата на Вил Витон, ти си истовремено и мој пријател и не си мој пријател. Го карактеризирам овој феномен како Шредингеровото пријателство"

Стрип (нормално) од xkcd (зум):

 

 

Што се однесува до филмското присуство на мачката, додуше во отсуство, најдоброто според нас направено на оваа тема е „Поврзаност" (ако е ова добар превод на Coherence), нискобуџетен американско-британски филм од 2013 на Џејмс Вард Бајркит, „церебрална научна фантастика", во најдобриот манир на овој жанр, во којшто нема вселенски бродови и роботи што титкаат, туку само луѓе ставени во многу, многу необична ситуација. Без спојлери: осум души седат на опуштена вечера во една куќа и си прават муабет, додека на Земјата и' се приближува комета. Снемува струја, и работите се заплеткуваат до точка во којашто не е баш јасно - дали тие постојат, не постојат, или малку постојат а малку не. И кои се всушност „тие"?

Погледнете го трејлерот, а потоа и филмот, галејќи мачка во скутот. Само не ја ставајте во кутија со отровен гас..

11 декември 2015 - 10:39