Лувр остана затворен поради преморен персонал

Најпосетуваниот музеј во светот и симбол на уметноста, денес, 16.6., остана затворен. Не поради војна или терористичка закана, туку поради персоналот кој започна спонтан штрајк, предупредувајќи дека институцијата се распаѓа одвнатре.

Речиси незамислива сцена: Лувр, домот на дела од Леонардо да Винчи и илјадници години стара човечка цивилизација, остана парализиран од оние што секојдневно го одржуваат во живот. Вообичаено, музејот е затворен за посетители во вторниците, па оттаму денес, понеделник 16.06., толпата туристи која се собра пред влезот на институцијата, некои од нив и со одамна купени билети, со чудење се соочија со затворените порти. 

Моментот надминува обичен штрајк. Лувр е симбол на глобалниот проблем со прекумерен туризам - раскошна палата која тоне под тежината на сопствената популарност. Како што градови како Венеција и знаменитости како Акропол се обидуваат да ги ограничат посетите, така и Лувр мора да се соочи со сопствената пресвртница, велат вработените. 

Штрајкот почнал спонтано за време на внатрешен состанок, кога персоналот, од оние на билетарница до обезбедување, одбиле да ги заземат своите позиции поради непрекинатата пренатрупаност, недостигот од персонал и, како што вели еден претставник од синдикатот, „неподносливите“ услови за работа.

„Надвор е како киселата насмевка на Мона Лиза“, изјавил турист од САД, стоејќи меѓу илјадници луѓе заглавени под познатата стаклена пирамида. „И таа, изгледа, треба да си земе слободен ден.“

Затворањето на Лувр е ретка појава. Се случувало за време на војна, пандемијата и неколку штрајкови — последен пат во 2019 поради слични причини. Но овој пат, нема објаснување, нема предупредување - само редици туристи кои не знаат зошто вратите се затворени.

Ова се случува неколку месеци откако претседателот Емануел Макрон го претстави неговиот 10-годишен план за реновирање на музејот: санација на инфраструктурата, решавање на проблеми со протекување, температурни флуктуации и справување со пренатрупаноста. Но за вработените, тие ветувања изгледаат далечно и неостварливо. 

Како и секогаш, во срцето на хаосот е Мона Лиза. Над 20.000 луѓе дневно се туркаат само за да направат селфи со најпознатата слика во светот — ретко обрнувајќи внимание на останатите ремек-дела во салата.

„Не гледаш слика - гледаш телефони и раце. И потоа те истиснуваат надвор“, изјавила туристка од Јужна Кореја.

Планот на Макрон, наречен „Новата ренесанса на Лувр“, предвидува Мона Лиза да добие своја посебна просторија со однапред закажани термини за влез, како и нов влез од страната на реката Сена, за да се растовари преголемата гужва кај пирамидата.

Минатата година, Лувр имал 8,7 милиони посетители — двојно повеќе од капацитетот за кој е предвиден. И покрај тоа што има дневна граница од 30.000 посетители, вработените велат дека работата е врвка: премалку тоалети, недостаток од места за одмор и горештини кои се засилуваат под стаклената конструкција.

Во интерен документ, директорката на музејот, Лоренс де Кар, предупредила дека делови од зградата пропуштаат вода, дека температурните промени го загрозуваат уметничкиот фонд и дека ни најосновните услови за посетителите не се на нивото на кое треба да бидат.

Реновирањето, со проценет трошок од 700–800 милиони евра, треба да се финансира преку билети, донации, државни средства и приходи од франшизата Лувр Абу Даби. Цените за билети за не-ЕУ туристи ќе се зголемат подоцна годинава.

Но вработените велат дека ним им е потребна итна поддршка, а не ветувања за 2031 година.

За разлика од Нотр Дам или Центарот Помпиду, кои веќе имаат поддржани реставрации, Лувр останува „заглавен“ — ни целосно финансиран, ни целосно функционален.

И додека Макрон ветува модерен и побезбеден Лувр до крајот на деценијата, најголемото француско културно богатство и милионите што доаѓаат да го видат остануваат заглавени меѓу пукнатините.

извор

16 јуни 2025 - 18:24