„Лупен на издаваштвото“: измамникот кој излажал стотици уредници и автори

29-годишен вработен во познатата издавачка куќа Сајмон и Шустер неколку години извлекувал необјавени ракописи од познати автори и комуницирал преку лажни профили со уредници и агенти како да е претставник на бројни издавачи. Она што ја мати целата работа е - зошто? Вака добиените вредни ракописи не биле пиратирани, не биле продавани, а тој не барал откуп за нив. Можеби само сакал да ги прочита?

Филипо Бернардини бил само средношколец кога го објавил својот прв роман. Тоа било во 2008, а Бернардини, кој живеел во мал град на еден час северно од Рим, го напишал за мала независна издавачка куќа од Милано, користејќи псевдоним: Филипо Б. Насловот на книгата бил „Були“ (што го има истото значење на италијански како и на англиски, деца што малтретираат други), и претставувал епистоларен роман во форма на дневнички записи на осамен тинејџер по име Диего. Во редок триумфален момент тој ги импресионира своите соученици со примерок од новиот „Хари Потер“. Но генерално неговиот живот е несреќен, па одлучува да им се придружи на оние кои не може да ги победи - да стане „лош“, односно крадец.

На 5 јануари оваа година, Бернардини, сега 29-годишен вработен во одделот за странски права во британскиот огранок на издавачот Сајмон и Шустер, е уапсен од ФБИ на аеродромот Џон Ф. Кенеди во Њујорк и обвинет за бизарна низа на дигитални кражби кои го потресоа светот на издаваштвото и сајбер безбедноста. Во изминатите пет години некој поминал неверојатно количество време имитирајќи агенти, уредници, книжевни ловци на таленти, филмски продуценти, преведувачи и автори со создавање лажни веб адреси за издавачки компании, како simoandshusfer.com, надевајќи се дека ќе се здобие со необјавени ракописи. Крадецот, или групата крадци, украле дигитален идентитет на стотици луѓе, напишале безброј мејлови познавајќи ја терминологијата на издавачкиот свет и завршиле со стотици ракописи кои не биле наменети за споделување со јавноста, како најновите романи на Сали Руни, до некои кои и не биле баш вредни. 

Но зошто сето ова? Украдените книги не биле пиратирани онлајн. Никој не барал да му биде платено. Изгледа предизвикот бил цел самиот по себе. До 2021 крадецот почнал да копира пасуси од свежо украдените ракописи и почнале да им ги праќаат назад на авторите, само колку да им покажат што се случува. Кога некој ќе одговорел луто заканувајќи се со тужби, тогаш крадецот или крадците му одговарале: „Се надевам ќе умреш од коронавирус“. 

Дали некој можел да се посомнева во Бернардини? Многумина се сомневале дека крадецот е меѓу нив, веројатно млад човек на маргините на индустријата. Бернардини тврдел дека зборува италијански, англиски, француски, германски, норвешки, шведски, дански, холандски, мандарински и корејски. Го имал инсајдерското знаење за издавачкиот бизнис. Па сепак, првично никој не се сомневал во него туку облозите паѓале на хакери, Руси, холивудски продуценти и слични на нив.

По неговото аспење тој веднаш доби прекар - „Лупен на издаваштвото“. Првично е ослободен со кауција од 300.000 долари и одземен пасош, соочувајќи се од можност да биде осуден до 20 години затвор. Судијката имала проблем да сфати што е точно кривичното дело, односно што сакал Бернардини да постигне со книгите? Обвинителството самото изјавило дека немало обид за продажба на украдените ракописи, и не понудило објаснување за мотивот. „Значи тој сакал само да ги прочита книгите пред да бидат објавени?“, заклучила судијката. „Интересно. Многу интересно“.

Седум месеци подоцна, најновите вести се дека против него сепак нема да биде покрената тужба, односно дека согласно американските закони, нема да оди на суд, туку дека целата работа ќе се реши со спогодба, која најверојатно ќе се состои од тоа Бернардини да плати казни или компензација. Самиот тој постојано се изјаснува како невин по сите обвиненија, иако во тек на спомнатите пет години украл стотици ракописи и комуницирал преку десетина лажни интернет домени и електронски адреси. Ги излажал дури и судиите кои требало да решаваат за Букеровата награда, извлекувајќи од нив информации за тоа кои книги влегле во најтесниот избор. Мети на кражба, освен новите книги на Сали Руни, биле и дела на Маргарет Атвуд и актерот Итан Хок.

Издавачите и авторите биле измамени преку сосема мали промени во мејловите, вметнување на една буква која тешко може да се забележи (на пример @penguinrandornhouse.com). Останува да се види дали зад однесувањето на обвинетиот има само некаква лутина кон издавачкиот свет и желба да се привлече внимание, или тој сепак имал некаков поинаков план. 

15 јули 2022 - 18:53