Во студија под оригинален и необичен наслов Bullshit Ability as an Honest Stignal of Intelligence објавена во научното списание Еволутивна биологија (кој патем има натпросечен импакт фактор), се вели дека луѓето како вид доаѓаат со вграден когнитивен систем кој е формиран за да излезе на крај со посебни предизвици карактеристични за високо социјални суштества. Комуникацијата карактеризирана со намера да биде убедлива или импресивна без оглед на вистината е специфична за човечките општества. Во истражувањата од кои произлегол текстот се проценувала способноста на учесниците да произведат „задоволувачки и навидум коректни срања од муабети“ како сигнал на нивната ингелигенција.
Истражувачите дошле до заклучок дека ваквата способност е поврзана со интелигенцијата на поединците а нивната моќ да произведат позадоволувачки (скриени) лаги од страна на набљудувачи била знак дека станува збор за остроумни луѓе.
Студиите опфатиле 1017 учесници кај кои била проценувана врската помеѓу нивната когнитивна способност, подготвеноста да „матат“ и резултатите од истото. Ним им биле покажани десет концепти и од нив било побарано да ги рангираат своите познавања за нив на скала од 1-5, од „никогаш не сум слушнал/а“ до „добро го познавам, го разбирам“. Шест од нив биле вистински, како генерална релативност или сексуална селекција, но четири биле тотално фејк, како Декларативна фракција, Генетичка автономија и Неврално прифаќање. Подготвеноста за „булшитинг“ тогаш била мерена врз основа на оние кои тврделе дека имаат знаење за овие непостоечки концепти.
Потоа од група од 534 учесници било побарано да дадат најубедливо и најзадоволувачко објаснување за спомнатите измислици. Им било кажано да не се секираат дали ја зборуваат вистината, туку да бидат креативни и убедливи. „Жири“ на булшит проценувачи требало да ги оценат на скала од „целосно неточно“ до „многу неточно“, и „целосно незадоволувачко“ до „целосно задоволувачко“. Истовремено тие требало да ја одредат интелигенцијата на учесниците.
Повеќето од оние кои биле способни да генерираат задоволителни или навидум точни дефиниции високо котирале на вербалните тестови односно имале широк речник. Но истовремено добро поминале на невербални тестови и на такви за апстрактно размислување, кои мерат способност за анализа и решавање проблеми.
Способноста да се превеслаат соговорниците, или цела група луѓе, има за цел да им помогне на поединците во навигација на социјалните системи, како енергетска ефикасна стратегија за импресионирање на другите, но и како реален сигнал за интелигенција.
Студијата не одговара на прашањето што кога политичките елити тотално некреативно и апла неинтелигентно лажат, а другите сепак им веруваат. Можеби и ова спаѓа под интелигенцијата на првите (да се протнат и со минимум), а зборува за максималната глупост на вторите.