Букбокс гледаше

„Луд по тоа да си нормален“ (Mad to be Normal, 2017)

„Р.Д. Лејнг бил откачен тип. Некои би рекле дури и - луд“. Вака го почнавме освртот кон книга на македонски автор која се занимаваше со ликот и делото на овој контроверзен шкотски психијатар. Сега за него има и биографски филм.

Лејнг, херојот на контракултурата на 60-тите од минатиот век, бил психијатар, но таков кој постојано влегувал во конфликт со своите мејнстрим колеги. За разлика од нив, кои без ронка емпатија ги изолирале пациентите, ги подвргнувале на електро-шокови, за на крај ги претворат во безопасни „билки“, тој се обидувал навистина да ги разбере „лудите“, да ги третира без употреба на лекарства, оставајќи ги самите да зацелат. Врз основа на ваква анти-психијатрија, отворил засолниште во Кингсли хол во источен Лондон, каде на луѓе со различни душевни проблеми им овозможил бесплатен престој и групна терапија, живеејќи (пиејќи, пушејќи, земајќи Ел-ес-де) барабар со нив.

Филмот на Роберт Мулан не е конвенционално биографски, туку прикажува сцени од приватниот и професионалниот живот на Лејнг кои е тешко да се одделат. Разведен, со куп деца кои ретко ги гледа, тој влегува во врска со Енџи (ја игра Елизабет Мос), која се обидува да биде неговото сидро на стабилноста во опкружување кое на моменти ја разнишува и неговата душевна состојба. Иако се обидува да ги третира со сета почит и разбирање, неговите пациенти се често опасни и по останатите, и по самите себеси. Ова особено важи за Џим, еден од жителите во комуната на Кингсли Хол (го игра Габриел Брн), кој љубоморен што Енџи станува дел од заедницата, а наскоро и ќе роди му роди дете на Лејнг, најавува дека ќе го убие бебето штом тоа ќе се роди.

Периодот за кој станува збор се петте години на постоење на ваквата експериментална заедница, од 1965-1970, во кој се следи и растот на популарноста на Лејнг во „отпорашките“ кругови и вон Британија. Една од најсилните сцени се одвива при негова посета на САД, каде тој успева да допре до девојка која 18 месеци не проговорела ни збор, а која лекарите ја храната на сила, со црево.

И покрај тоа што очигледно „навива“ за овој лик, филмот сепак ги балансира Лејнговиот хуманизам и егзистенцијализам, со очигледните проблеми кои ги носи неконвенционалниот пристап кон третирање луѓе кои заедницата ги обележала како шизофренични и луди. Доволно оптоварен од притисокот да успее во нивното лекување, што би било доказ дека неговите методи навистина функционираат, тој дополнително се бори со сопствените демони, нарушените односи со мајка му, како и тешката болест на ќерка му. Дејвид Тенант успева да ги долови сите овие конфликтни аспекти на личноста на Лејнг, но и на различните аспекти на лудилото, кое споредено со вистинските лудила на овој свет - војните, убиствата, насилствата врз послабите и поинаквите - изгледа прилично нормално.

 

5 јули 2018 - 16:49