1848 била тешка година за жителите на Лондон. Епидемија на колера убила 15,000 од нив, а телата буквално се трупале покрај црквите за да бидат погребани. Но проблемот бил што немало каде.
Причината за недостаток на гробни места било тоа што во првите педесет години од 19 век населението на Лондон од половина милион пораснало на скоро два и пол милиона. Притоа гробиштата си останале исти по површина, само почесто се ископувале старите гробови. Кога и ова станало недоволно, труповите биле оставани на отворено, што и довело до епидемија не само на колера, туку и на тифус, сипаници и други заразни болести.
Градските власти немале друго чаре освен да забранат понатамошни закопувања во лондонските гробници. Наместо тоа испланирале отварање на нови гробишта надвор од градот. Такви имало во Боквуд, 37 километри од Лондон, кое станало најголемо во Британија. Направено така за во следните 350 години да го пополни само првото ниво, тоа ветувало долгорочно решавање на проблемот на главниот град. Под еден услов - семејствата да можат да ги превезат своите мртви до таму.
За оваа цел била изградена посебна железничка пруга, London Necropolis Railway. Секој ден, почнувајќи од ноември 1854, воз кој ги превезувал мртовечките сандаци, семејствата и пријателите на починатите го напуштал Лондон од посебно одредената станица на Ватерло, а возот патувал без застанување, 40 минути. Во Броквуд ожалостените одржувале погребна „забава“ во една од двете железнички станици, а потоа со истиот воз се враќале назад.
Како и обичните патнички возови и тука имало класи. Првата класа подразбирала дека семејството може да бира место на гробиштата и да изгради постојан споменик. Втората класа можела да бира место, но за споменик требала да доплати. Третата класа била за сиромаштијата. Но имало и поделба по религија, за да се спречи мешање на луѓе од различни социјални групи.
Сепак, железницата не проработела со целосен капацитет, До 1903 возот носел само 2.300 тела годишно, многу помалку од 50.000 колку што се надевале оние кои го пуштиле во промет. До 1930 тој возел само два пати неделно.
„Смртта“ на возот настапила ноќта помеѓу 16 и 17 април 1941, во едно од најстрашните бомбардирања на Лондон, кога бомбите ја уништиле станицата и голем дел од пругите. По 87 години и 200,000 превезени тела, железницата морала да затвори.
Денес едвај да има спомен на оваа линија. Двете станици на самите гробишта во 1960тите се уништени. Пругите се одамна кренати за да бидат рециклирани или употребени на друго место. Само влезната зграда во Лондон остала како што си била, иако камената плоча со името на станицата веќе ја нема.
Ова не е единствен пример на ваква железница. При крај на 19 и почетокот на 20 век такви имало и во Сиднеј, Мелбурн, Берлин и во Финска.