Полин Виардо била француски мецосопран, професорка по пеење и композиторка со шпанско потекло. Родена е како Мишел Фердинанд Полин Гарсија, потекнувала од музичко семејство и имала долга и богата кариера како музичка европска ѕвезда на 19-тиот век. Почнала со тоа што учела пијано кај младиот Франц Лист, а часови по контрапункт и хармонија земала кај Антон Реиха, професорот на Лист и Хектор Берлиоз и пријател на Бетовен. Често свирела дуети со Шопен, кој ги поддржувал нејзините аранжмани на неговите мазурки како песни, па дури и ѝ помагал во ова.
И покрај тоа што многумина од тогашниот музички свет ѝ се восхитувале на свирењето, таа сепак се одлучила за кариера на оперски солист. Првиот настап ѝ бил во улогата на Дездемона во „Отело“ на Росини во Лондон во 1839, кој бил оценет како изненадување на сезоната. Тогаш имала само 16 години, но веќе станала барана не само од театарските импресарија, туку и од богатите ергени. Сепак, наместо кон нив, под влијание на својата пријателка Жорж Санд, се омажила за Луи Виардо, директор на театар и 21 години постар од Полина, кој можел да ѝ обезбеди не само финансиска сигурност, туку и настапи во престижни оперски куќи. Се омажила за него кога имала 18 години, а тој не само што ѝ станал сопруг туку и менаџер. Со него имала четири деца, и сите тргнале по нејзините музички стапки.
Сепак, бракот не го прекинал постојаниот интерес за неа од машките обожаватели. Меѓу нив бил и рускиот писател Иван Тургењев, кој страсно се заљубил во неа откако ја слушнал во „Севилскиот берберин“ во Русија во 1843. Следната година ја напуштил татковината за да биде поблизу до неа, и на крај бил примен во домот на Виардови, третирајќи ги нејзините деца како сопствени, и обожувајќи ја до нејзината смрт. Таа од своја страна му пружала конструктивна критика секогаш кога ќе напишел нешто ново, а во јавноста го презентирала во најдобро светло, овозможувајќи му пробив во високите кругови.
Реалниот статус на нивната врска останува мистерија. Некои го наркеуваат Тургењев „вечен пријател на семејството“, бидејќи триото Полина-Луис-Иван функционирало одлично, без љубомора и скандали. Сите биле одлично поврзани со најголемите уметници на 19 век, кои им доаѓале на посета, а некои од нив можеби спиеле и во нивните кревети: Дикенс, Берлиоз, Флобер, Роберт и Клара Шуман, Толстој, Достоевски, Вагнер, Хенри Џејмс. За Тургењев тоа и не било најважното, бидејќи тој не копнеел толку по статус колку по самата Полина и по макар дел од нејзината приврзаност. Сочувани се љубовни писма во кои тој ѝ пишувал на германски, бидејќи Луи не го зборувал овој јазик. Но подоцна по сè изгледа страста преминала во пријателство и доживотна лојалност.
До пензионирањето, Полина била позната по своите појавувања во операта на Моцарт „Дон Џовани“, чиј оригинален нотен запис го имала откупено. Тој се чувал во посебен „храм“ во нејзиниот париски стан, каде бил посетен од голем број славни личности, меѓу кои Росини и Чајковски, кој изјавил дека се чувствувал како да е во присуство на Бог.
Полина починала на возраст од 88 години и е погребана на гробиштата Монмартр. Вилата Виардо во близина на Париз им ја подарил токму Тургењев, долгогодишниот придружник на семејството.