Лепи Јовица и Жан-Пол Белмондо

Кога ќе почине славна личност тоа е повод да се потсетиме и на некои други биографии, на луѓе кои не биле толку видливи, но сепак биле големи во она што го правеле. 

пишува: Љубомир Живков (Пешчаник)

Жан Пол Белмондо и јас не се познававме, но имавме заеднички добар пријател: Лепи Јовица, виолинист и водач на истоимениот тамбурашки оркестар од Нови Сад. Во седумдесетите години свиреа во Париз, ги препорачал и ги однел Илија Пантелиќ, легендарниот голман на „Војводина“ (едно време и на репрезентацијата на Југославија), не знам каде точно свиреле, но во таа или угледна или забутана гостилница доаѓал и неодамна заминатиот од овој свет Белмондо, кому не му избегало тоа дека Јовица сака убави одела.

Главно, се договориле заедно да одат во бутик каде глумецот наоѓа одела за себе, да, сето ова не ми го раскажа Јовица, туку приказната ја чув од Браташ (Милан Иванов, баспримаш и пеач од прв ред, на помладата публика можеби познат само по песната за младоста во филмот „Јагоди во грло“). Ги разгледуваат Јовица и Белмондо оделата, кројките, дезените, цените, на Јовица му се допаднало едно одело, не може да се одвои од него, но прескапо му е, иако во Париз многу добро заработуваат. Се врткал Јовица околу оделото, го пробал, совршено му стои, се крши, се крши, и се откажува. Се теши со друго одело, исто прилично убаво, но поевтино. Со тоа се завршува тој моден излет.

Ден или два после тоа, ми раскажува Браташ, ние во поткровјето спиеме, жештина, фаќа пладне но свиревме до утрината, некој чука, отвораме, стои момче, закопчано до грло, со златни ширити на црвена чоја, како од филм, капа, горе израмнета, опшиена со ист жолт гајтан, држи во рацете пакет, како торта на свадба да носи: Белмондо на Јовица му праќа одело.

&

Нели на човекa некогаш му било подобро отколку денес?

Ова му минало низ глава на остарениот Кнут Хамсун, а стои и сега во неговиот дневник („Обраснати патеки“), и таа мисла, сама, ми се врати од голема далечина кога слушнав дека умрел Жан Пол Белмондо. Многу пред актерот умре виолинистот, а умре и тамбурашот од кого што го слушнав ова.

Членовите на оркесторот на Јовица секогаш настапуваа во одела, исти и поубави од повеќето одела во кои доаѓаа нивните клиенти, единствено Јовица - кој веќе се издвојуваше по тоа што имаше виолина и гудало додека другите свиреа со трзалици од кравји рог - обично имаше поинакво одело од останатите, многу често тоа беше светол комплет, барем еден е купен во Италија. Мојот другар Мирослав, кого исто така веќе го нема, го има видено убавиот Јовица во ново бело одело, како оди пешки крај колона возила, да скрати време и да протегне нозе: оделото е ново, со уште нескратени ногавици, пресвртени да не се ѕенѕаат, затоа што банкината е полна со светлокафена прашина помешана со кршен камен; купено е во Трст, надвор е жега, но Јовица го облекол, или за да не плати царина, или за да биде елегантен и додека патува...

Јас свирев во ансамблот „Лоле“ и имавме униформи, одело со прслук кое по мерка ни го шиеше шнајдерот од Радио-Телевизија Белград, го викавме оклоп, имавме и „змии“, естрадни, сребренасто сива, пругаста кошула од лажна свила, па црвена кошула купена за свирка во Норвешка и се случуваше да го промашам видот на униформа, единствен да дојдам погрешно облечен: „А, еве ни го Лепи Јовица, па рековме оклоп, единствено ти си слушнал змија!“.

&

Денес во чест на протагонистот на оваа кратка париска повест, снимив песна која во превод од ромски оди вака: „Када умрем, када умрем/Жалити ме нико неќе“, што признавам звучи по малку познато, можеби и евтино, но следниот стих тоа го оправдува и во голема мерка го надминува: „Ќе ме жали, ќе ме жали куќата и дворот“. Не знам каков бил дворот на Белмондо (не знам ни каков бил дворот на Јовица, се гледавме секогаш онаму каде што свиреше, не сум бил ни кај Браташ дома), но се придружувам на жалоста во тие дворови и куќи, за познатите и непознатите на кои им недостасуваат лица од оваа приказна.

12 септември 2021 - 11:44