Легендата според која Исус е погребан во - Јапонија

На врв на рид во северна Јапонија лежи гробот на човек кој во блиското село Шинго е запаметен како Даитенку Таро Џураи. Остатокот од светот го знае како Исус Христос.

Иако е мало и тивко место во кое во 2013 живеел само еден христијанин (Тошико Сато, кој тогаш имал 77 години), и каде нема црква во околина од 50 километри, местото Шинго во северна Јапонија сепак се нарекува Кирисуто но сато или домот на Исус. Секоја година повеќе од 20.000 аџии од целиот свет доаѓаат тука, го посетуваат Музејот за легендата на Исус и купуваат сувенири. Некои од нив учествуваат во пролетниот фестивал, и церемонијата во која жени во кимоно играат помеѓу локалните гробови, за меѓу другото да ја утешат душата на Исус.

Јапонците се главно будисти или шинтонисти, но 1% од нацијата која брои 127 милиони луѓе се идентификуваат како христијани. Сепак, има и такви кои прават сопствен микс на духовните поуки на различни религии, па ова е и можното потекло на приказната за Исус која се раскажува тука.

Во Шинго таа гласи отприлика вака: Исус прв пат дошол во Јапонија на возраст од 21 година за да изучува теологија. Ова се случило во текот на таканаречените „загубени години“, 12-годишен период за којшто нема податоци во Новиот завет. Тука научил јапонски и се запознал со источната култура. На 33 години се вратил во Јудеа (преку Мароко!), но длабоко во себе го сочувал споменот на „светата земја“ која претходно ја посетил.

Како и во Светото писмо, Исус бил затворен и осуден од Римјаните на распнување заради ерес. Но во јапонската верзија тој ги измамил оние кои требало да го погубат со тоа што си го заменил местото со Исукири, неговиот помлад (и кутар) брат. Потоа се вратил во ветената земја - Јапонија - со два сувенира: уво од брат му, и прамен коса од Богородица. Тука дошол преку ледената дивина на Сибир, патувал четири години и доживеал многу искушенија. Неговото „второ доаѓање“ се случило кога со воловска кола конечно пристигнал во Шинго.

Тука живеел во егзил, прифатил нов идентитет и основал семејство. Им помагал на оние на кои тоа им било потребно, а кога остарел според музејската брошура изгледал како „долгонос гоблин“. По смртта неговото тело било поставено на ридот во тек на четири години. Потоа коските му биле закопани во гроб, под истата тумба која денес ја краси дрвен крст.

Поради сето ова, фолклорот на ова место се разликува од остатокот на Јапонија, а истото важи и за локалниот дијалект. Музејот (во обид кој нè потсети на нашиот со Хунзите) тврди дека тој содржи зборови кои се поблиски до хебрејскиот отколку до јапонскиот, а дека старото име на селото, Хараимура, има врска со раната средно-источна дијаспора. Се оди до таму што се тврди дека Шинго бил населен од членови на десетте загубени племиња на Израел, а таму и денес живеат нивни потомци. И покрај тоа што сето ова звучи како нешто од „Животот на Брајан“, во 2004 израелскиот амбасадор Ели Коен го посетил местото и открил спомен-плоча во чест на, како што нагласил, симболичните врски помеѓу Шинго и Ерусалим.

Поверојатно објаснување е дека гробовите содржат тела на мисионери од 16 век. Имено, христијанските евангелисти прв пат дошле во Јапонија во 1549, но нивната активност била забранета во 1614. Малкуте верници заминале во илегала, и тие „скриени христијани“, како што се нарекувале, се соочиле со прогон. Повеќе од 200 години христијанството во Јапонија преживеало во малубројни и изолирани заедници, токму како онаа во Шинго.

Тукашното население верува дека постоеле и свитоци - тестаментот на Исус, кој тој го диктирал додека умирал во селото. Но овие документи биле уништени од страна на јапонските власти во текот на Втората светска војна, па оттаму денес во музејот може да се види само негов модерен препис, потпишан со „Исус Христос, татко на Божик“, кој се чува во стаклена витрина. 

извор

4 мај 2020 - 16:56