Новата книга „Легендарните автори и облеката која тие ја носеле“ вклучува модни портрети на педесет славни писатели, помеѓу кои Семјуел Бекет, Симон де Бовоар, Ф. Скот и Зелда Фицџералд, Малком Гладвел, Џон Апдајк, Оскар Вајлд и Том Волф, чиј начин на пишување, но и на облекување, имаат извршено влијание и врз современата култура.
Авторката, британската новинарка Тери Њуман, комбинира анегдоти, архивски фотографии (дури 80 од нив), цитати од секој писател и од современи модни дизајнери, како и помалку познати факти, за да напише книга која е истовремено забавна како модно списание, и информативна како „лајт“ книжевна историја.
Семјуел Бекет ги сакал чевлите „Валабис“ од марката Кларкс (долу) и носел иста фризура од својата 17-та година; Гертруда Штајн секогаш носела црно и одбивала да стави прслук; Вилијам Бероуз се брендирал во одело и кравата; Зејди Смит ретко се слика без турбан. Препознатливоста на овие автори според надворешниот изгледа ја разбива предрасудата дека писател е некој што затворен дома пишува по влечки и пижами, и не му се важни сликите кои ќе ги остави зад себе за тоа како изгледал додека творел.
Њуман почнала да се интересира за темата заради нејзината паралелна фасцинација со модата и читањето, и несвесната врска помеѓу идентитетот на нејзините омилени автори и визуелниот впечаток кој тие се обидувале да го остават во јавноста. Таа прави разлика помеѓу „писател“ и „автор“ - вториот врши професионална улога на човек кој се претставува себеси пред светот за да го промовира своето дело, а првиот е креативниот „работник“. Облеката, според неа, може да биде мост помеѓу овие две функции.
Некои од писателите/автори имаат поочигледен моден „потпис“ од останатите, но со подлабока анализа ваква врска помеѓу она што се носи и она што се пишува може да се пронајде и кај оние другите. На истиот начин на кој сопствениците на миленици понекогаш личаат на нивните животни, писателите често знаат да го отсликуваат нивниот дискурс (или некој од нивните главни ликови).
Вирџинија Вулф дури имала и посебен термин - „свесност на одората“ (frock consciousness) - за начинот на кој таа ја користела облеката за да опише одреден карактер или промени во емотивниот склоп на ликот, особено во нејзината книга „Госпоѓа Деловеј“. Она што станува јасно од книгата на Њуман е дека авторите не само што биле свесни за визуелното влијание кое нивните ликови би можеле да го остават на читателот, туку и на сопственото.