Од овошје и зеленчук, до сувомеснато и грицки, сите нешта во оваа продавница делуваат обично, сè додека човек не им се приближи или не ги загледа подобро. Тогаш сфаќа дека тука нешто мириса на...пластика.
Авторка на изложбата е Робин Фрохарат, која и претходно правела инсталации, како и куклени претстави за возрасни. За конкретниов проект кој од надвор личи на обична пиљара, таа собирала пластични ќеси кои дури и во еден Њујорк ги има очигледно доволно за од нив да се направат карфиоли, торти и меса.
„Ова е мој обид да направам нешто автентично и човечно од нешто што е масовно произведено. Постои голем хумор во мааните на капитализмот и сметам дека тој е моќно оружје за социјална критика, особено кога станува збор за прашања кои се премногу тажни и премногу сериозни за со нив да се соочиме директно“, вели авторката.
Изложбата, која не е продажна, откако се отвори беше распродена во следните три недели. Таа се состои од дури 10.000 парчиња направени од ќеси, кои таа ги собирала од пријатели, од својата зграда и по улици. Според статистиката, Американците користат околу 100 милијарди пластични ќеси годишно, а до идејата за проектот Фохард дошла кога во продавница видела како некој става ќеса во ќеса, а потоа двете во трета.
Отварањето на изложбата се поклопи со забраната која ја воведува Њујорк за пластичните ќеси за еднократна употреба, која стапи на сила во средината на октомври. Таа беше планирана и претходно, но беше одложена поради пандемијата.