„Курта“ е механички калкулатор кој комбинира комплексност на парна машина и прецизност на рачен часовник. Прв пат се појавил во 1948, и во следните две децении, додека не бил заменет од електронски калкулатор, претставувал најдобрата пренослива машина за пресметување на планетата. Сепак, неговата приказна е уште поинтересна во светлина на екстремните околности во кој бил измислен.
Идејата му паднала на памет на изумител родум од Австрија, за време на неговото заточеништво во концентрациониот камп Бухенвалд. Се викал Курт Херцштарк (од таму и „Курта“), а неговото семејство долго време било во бизнисот на изработка и продавање машини за пресметки и друга канцелариска опрема. Роден во Виена во 1902, тој до 1930-тите веќе застанал на чело на фирмата, патувајќи низ Австрија, Унгарија и Чехословакија и продавајќи калкулатори на банки и фабрики.
Благодарејќи на долгото интервју (67 страници) направено со Херцштарк во 1987 за архивата на Универзитетот во Минесота, тој постојано имал впечаток дека „нешто недостасува“ на пазарот на пресметковни машини, калкулатор кој не само што ќе биде точен туку и лесно пренослив. Неговите муштерии постојано го прашувале - „Да, ова што ни го покажуваш е фино, ама имаш ли нешто помало?“.
Почнал да експериментира со „лизгачи“ вградени во цилиндар, така што бројките да можат да бидат внесувани со движење на прстите. Во јадрото на апаратот имало единствено ротирачко „тапанче“, со две групи запчаници, еден за собирање друг за одземање. Множењето и делењето биле малку покомплицирано, но сепак и за нив биле потребни само неколку „клика“ на лизгачите и неколку вртења на оската.
До 1937 Херцштарк веќе го имал нацртот, работата била уште само да се изработат деловите и прототипот.
Тогаш на власт дошол Хитлер.
Херцштак бил син на Евреин и мајка-католичка, па му се прогледувало низ прсти, се додека неговата фабрика изработувала машини и алатки за германската армија. Но набргу двајца негови колеги биле уапсени поради слушање британски радио станици, па со нив бил уапсен и Херцштарк, обвинет за поддршка на Евреите. Бил испратен во Прага, во затворот Панкрац, а подоцна префрлен во Бухенвалд, концентрационен логор во централна Германија.
Условите биле ужасни, но добрата страна било што тој бил ставен да работи во придружна фабрика која изработувала компоненти за германски ракети. Постар инженер-Германец го зел под свое, и му понудил, откако ќе го исцрта калкулаторот, истиот да биде изработен и да му биде подарен на Фирерот откако ќе ја добие војната. „Тогаш сигурно ќе ти дозволат да станеш ариевец“, му рекол тој.
Бухенвалд бил ослободен од американската војска на 11 април 1945. Неколку денови подоцна Херцштарк влегол во градот Вајмар, носејќи ги плановите за калкулаторот в џеб, коишто ги изработил во логорот но кои никогаш не биле материјализирано. Нашол фабрика која се уште функционирала, и наскоро го имал прототипот. Со разглобената Курта тој стигнал во Виена, а потоа стапил во контакт со компанија во Лихтенштајн која била заинтересирана за продажба на калкулаторот. Првите примероци излегле на пазарот во 1948. Малку поголем модел со повеќе цифри, Курта тип 2, се појавил во 1954.
Апаратот веднаш станал популарен помеѓу сметководителите, инженерите, студентите. По малку обука, пресметките можеле да се прават дури и без гледање во него, само со допир. Се смета дека биле произведени околку 150.000 Курти, со тоа што последната ја напуштила фабриката во 1972. До тоа време веќе биле достапни мали електронски калкулатори, кои го замениле механичкото помагало. Херцштак останал во Лихтенштајн, кој станал негов нов дом. Починал таму во 1988 на возраст од 86 години.
Денес овие калкулатори се реткост, можат да се најдат само во научно-технолошките музеи и приватните колекции. Нивната цена на и-беј се движи од 1400-3000 долари.