Го голташ како не дај боже да е човечко, и со денови се чувствуваш некако виновно. Зошто?
Секој сериозен проучувач на француската или италијанската храна има пробано (и уживано) во коњско месо. Речиси секое село во Франција, особено во југо-западните и северни гранични региони со Белгија, како и северо-источните местенца околу Верона и Венеција, имаат месара која работи само со коњско месо, обележана со по малку страшни позлатени коњски глави на таблите и џиш црвено месо во излозите. Ресторани со официјално коњско месо на менито има и во Источна Европа. Тоа е како гастрономска иницијација - како кога прв пат во живот ќе присуствуваш на колење свиња, а после ќе изедеш свежа крвавица.
Јадењето коњско месо е наводно дел од веќе напуштената „палео-диета" - но ако е така, од каде сите тие современи коњски колбаси и рагуа? И од каде, од друга страна, таа нелагодност кај многумина кога ќе се спомне јадењето коњско месо, кое дури и кога е био-хемиски здраво, звучи како да е отровно?
Се работи за културни табуа на јадење животни на кои им припишуваме - свесно им проектираме - личност и карактер. Тоа е слична, иако посилна реакција, која ја предизвикува месара која продава кучешко месо во Кина. Но одбегнувањето на коњско месо е истовремено и древно, и историски невоедначено. Според Grande Enciclopedia Illustrata Della Gastronomia, уредена од Марко Џоти Гварначели, древните грчки месари го продавале како евтино месо. Раната католичка цкрва го забранила бидејќи тоа ѝ асоцирало на пагански жртвувања. Коњското месо не е „кошер" затоа што коњите не се преживари, муслиманите го забрануваат веројатно затоа што коњите биле луксуз во оазите, индусите исто така го отфрлаат од нивните менија.
Сепак предисториските Европејци јаделе коњско, особено варварските племиња, веројатно затоа што тоа бил ефикасен начин да се отарасат од старите или неспособни животни. Со коњско се прави оригиналниот тартарски бифтек, именуван според коњаник на Џингис Кан, веројатно затоа што коњското месо не шири ниту туберклоза ниту стомачна тенија, и оттаму е побезбедно за сирово консумирање во споредба со други видови месо и риба. Има и повисоки количества на протеин и железо, заради гликогенот е слаткасто - и е многу поевтино, што довело до негова промоција како здрава храна за работничката класа, која наводно ако јаде коњско месо помалку ќе пие.
Во 1866 се отвориле месари со коњско месо во Париз, а на промотивен настан во хотелот Гранд во Париз коњско се служело со секој од специјалните оброци на вечерта, и тоа на интелектуалци како Флобер и Дима. На менито имало варено коњско, филе со печурки, коњска чорба, компири во сос од коњска маст, салата во коњско масло и колач со рум и срж од коњски коски. Виното кое се служело - Шевал Блан!
Денес едно од најпознатите јадења кое се прави од коњско месо е пастисада од Венето, Италија, вид гулаш чие наводно потекло е крвава битка помеѓу еден средовековен италијански крал, Одоацер, и неговиот ривал кој станал и негов наследник, Остроготот (читај: варварин) Теодорик. Легендата вели дека јадењето било измислено за да не се фрлаат мртвите животни, но станало славно затоа што било послужено на вечерата на наводно помирување на која Теодорик го поканил Одоацер, а потоа го убил. Можеби ова е уште една причина зошто постојат толку многу хипофагија-фобичари. Можеби не е баш фобија, ама нам не ни е баш-баш кога ја гледаме сликава, знаејќи дека можеби е направено од верзија на Букефал или Дорчо.