Kрлежа и Македонија

Што мислел Крлежа за улогата на ВМРО во македонската историја? Што им замерил на Конески и на Крсте Црвенковски? Зошто најпрвин го одбил Струшкиот венец и воопшто, каков бил неговиот амбивалентен однос кон нашата земја, во која сега има и своја улица?

Во мај 2007 во македонското издание на Глобус излезе обемен текст на Ѕвездан Георгиевски посветен на врските на Крлежа со Македонија. Во него е спомната и книгата на Огнен Бојаџиски на оваа тема. Пренесуваме делови од освртот кон неа објавен неодамна во Пешчаник (иако книгата е од 2005), кој содржи интересни детали за големиот хрватски писател, кој во меѓувреме доби и улица во Дебар маало.


- Скопје како „театар“

Во 1937 Крлежа дочекал неговата драма „Во логорот" да се изведува во Осијек, Белград и Скопје. Тоа било прилика за поинакво гледање на градот на Вардар. Во писмата до неговата сопруга Бела, Крлежа е преполн со импулсивни размислувања за Скопје, за кое вели дека е „поинтересен театар од сите театри по нашите театри". Разгледувајќи го градот со динамичен амбиент и остри контрасти („таа касаба, тој Мароко или Алжир"), тој на нему својствен начин размислувал за „балканскиот национал-империјалистички оркестар со рустикално-аграрно проседе" и за залудноста на сите државни победи и традиции кои на крајот заедно завршуваат на гробишта.

- Балканот како амалгам меѓу словенските племиња и античката традиција

Крлежа до бесконечност ја елаборирал идејата за „трета алтернатива" (негирајќи ги востановените поделби на Исток-Запад, Рим-Византија) која може да ја преовлада „тектониката на историските детерминанти". Истовремено конструирал нов историски модел на јужнословенска интеграција, во која словенските племиња, како слабо издиференциран амалгам, се втопуваат во „фантастичниот раствор на римско-хеленската декадентна традиција, во магична мешавина на источноварварски напливи и фантазмагорија". И тука Бојаџиски го забележува Крлежиното полемичко и над сè агресивно поигрување со темелните поими „без историографски продлабочени истражувања и промислувања", при што неформалната есеистичка форма го ослободувала од каква и да е одговорност.

- За енциклопедиските одредници: Битољ и ВМРО

Во вториот дел (Eppur si muove) авторот го зафаќа периодот по Втората светска војна, сликајќи го ентузијазмот и енергијата на социјалистичкиот поредок. Но Бојаџиски наведува проблеми кои настанувале при изработката на некои „македонски" енциклопедиски единици во познатата Енциклопедија на Југославија, чиј член бил и Крлежа: тој, имено, го бранел ставот на редакцијата пред тврдокорните членови од Македонија, дека Србите и Хрватите Битола отсекогаш ја викале Битољ, и дека српската војска ја ослободила од турска власт, а не ја окупирала! Кај одредниците врзани за ВМРО и нејзините истакнати членови, Крлежа мислел дека тоа е „комплициран и крупен политички проблем", табу тема која една енциклопедија не може да ја реши. Иако за Македонците ВМРО не бил музејски експонат, туку „филозофија на македонската егзистенција" и „коскена срж на македонската нација", оваа одредница не нашла свое место во енциклопедијата.

- Преписката со Лазо Колишевски

Можеби затоа третото доаѓање на Крлежа во Скопје (1960) е обележано со неадекватно студен прием, а еден од примерите за тоа е куртоазната преписка со Лазар Колишевски. Без оглед на забележливите искри и тивкиот бојкот во печатот, Крлежа во мај 1960 продолжил да ги бележи своите впечатоци од Македонија, зборувајќи за „присутност на планирана свесна волја, која им се измолкнува на мрачните закони на историската гравитација да ја надвладее архајската беда и неволја на овие византијски и отомански воени друмови". Колишевски, очигледно не задлабочувајќи се во Крлежините филозофски акробации, се обидел да биде прагматичен, барајќи од хрватскиот писател помош при систематизација на македонската историја. Добил прилично воздржан одговор, дека во рамки на каталогот на Лексикографскиот завод (инаку издавач на Енциклопедијата) има 13,000 статии за македонските проблеми кои им стојат на располагање на историчарите на СР Македонија.

- Конески, Крсте Црвенковски и Чашуле 

Сепак, својот афинитет кон Македонија Крлежа го покажувал на чуден начин без размислување прифаќајќи повици да учествува во различни иницијативни одбори (на пример за Климентовата прослава или основањето на МАНУ), а на крај не доаѓал! Во меѓувреме во Македонија пораснал интересот за неговиот книжевен опус, па така претставата „Господа Глембаеви" прв пат е изведена во Скопје во 1955 на македонски. Крлежа во 1968 му предложил на Конески Општата енциклопедија да се печати на македонски, но овој по консултации со Крсте Црвенковски изнел „поевтин" план: Македонците од Енциклопедијата на Југославија да извадат делови кои се однесуваат на Македонија, и да ги печатат одделно. Крлежа очигледно бил лут заради кратковидоста на македонскиот политички врв, па на својот македонски колега му порачал: „Не е тоа, брате, прашање само на економија, туку и на културна политика".

Покриени се и пријателствата на Крлежа со македонските писатели, особено со Коле Чашуле, кој го повикал Крлежа во Македонија за време на судирот помеѓу тукашните „модернисти" и „реалисти". Но Крлежа очигледно останува глув на овие повици, и продолжува низ кореспонденција да изнесува свои импресии од скопскиот Бит-пазар, викањето на децата во Куршумли ан и заспаниот оџа во некој излог. Вардар иронично ја нарекува „српска река" и „жолта вода која сосема банално ја тркала калта". Му се гади од шведски туристи кои на враќање од Грција „јадат папкираш во Велес, а појма немаат каде се наоѓаат", што може и да се сфати како љубомора кон светот кој живее лагодно, поштеден од вечните балкански лoмови и трауми. Го коментира митот за Крале Марко како извор на легенди и доказ „дека два десетерца можат да значат повеќе од сè што е вистина, особено историска вистина“. Не му бегаат ни валканите кафански чаршафи, дебарската чаршија преполна со радио-апарати на „Искра" од кои оддекнува Шуман, додека чаршиските бродоломци крснозе сркаат кафе и зјаат во празно.

- Околу Струшкиот венец и генералниот амбивалентен однос кон Македонија 

И понатамошните односи на Крлежа со Македонија се полни со контроверзи. Во 1976 тој го одбива Струшкиот венец, за истиот да го прими само три години подоцна. Една од можните причини е што не бил задоволен што неговата поезија на македонски била преведена пред неговата проза. А можеби едноставно, како што забележал и Коле Чашуле, Крлежа имал некој амбивалентен однос со Македонија, ем му се допаѓа нејзината егзотика, ем не му е јасен голем дел од фактографијата; меѓу Македонците има пријатели, но молчи кога им е најпотребен (па и по катастрофалниот земјотрес). Ова е книга токму за овие контрадикторности на неговиот однос со оваа земја, и на Македонија со еден од најголемите југословенски писатели.

(делови од текстот на Владан Јовановиќ во Пешчаник)

27 ноември 2013 - 20:20