
Во 2005 Френсис Форд Копола има 66 години и е заглавен во пишување на сценариото за проектот „Мегалополис“, кој по многу пречки и предизвици конечно ќе се оствари во 2024-та. Во тогашна преписка со својата пријателка Венди Донигер, професорка по индологија и санскрит на Универзитетот во Чикаго, таа му препорачува роман од нејзиниот ментор и професор, славниот Мирча Елијаде.
Идентификувајќи се со ликот на 70-годишен маж кој се мачи да заврши амбициозен проект кој ќе го содржи сето светско знаење, Копола решава привремено да го паузира „Мегалополис“ и да самофинансира филмска верзија на „Младост без младост“. Собира еден милион долари и без да ѝ каже на сопругата заминува за Романија, каде си прави канцеларија во фармацевтска компанија на пријател и најмува 28-годишен кинематографер кој самошто завршил факултет. Единствените попознати имиња во целиот проект се носителите на главните улоги - Тим Рот и Бруно Ганц.
Филмот го исполнува Копола со самодоверба, дека не ја загубил младешката магепсаност со медиум кој знае да исцрпи со своите логистички и вонфилмски побарувања. Резултатот, особено ако прво сте ја читале книгата, е прилично буквално пренесена приказна која на моменти (и на хартија и на екран) е хаотична и „нелогична“. Но тој е сепак заслужен за промоција на помалку познато дело на човек кој во антрополошките и филозофските кругови е докажан полимат и, во денешна смисла, нестандарден академик.
Биографијата на Елијаде е обележана со чести и неочекувани „полукружни свртувања“, во смисла на истражувачки интереси - од проучување на инсектите и природните науки во младоста, преку фаза на одбегнување какви и да е образовни институции (сам си направил брод и со него пловел по Дунав), интерес за окултното, до четиригодишна стипендија за проучување санскрит и филозофија на јогата на Универзитетот во Калкута, па катедри во Париз, Чикаго... Неговата опседнатост со митовите, особено оној за „вечното враќање“ (верувањето дека времето е циклично и дека преку ритуали луѓето постојано се враќаат на митскиот почеток со цел да го обноват светот и да му дадат смисла), ја обележува и оваа делумно автобиографска новела.
Доминик Матеј стои на агол од улица во Букурешт, вечерта пред Велигден, 1938 година, подготвен да ја премине улицата. Одеднаш, само на местото кадешто стои, почнува пороен дожд и удира гром. Според докторите и медицинските сестри, тој би требало да биде мртов. Изгорениците на неговото тело и фактот што громот го погодил директно во глава укажуваат дека тој имал неверојатна среќа што воопшто преживеал.
Додека се опоравува во болницата, како во верзија на „Необичниот случај на Бенџамин Батон“, Доминик почнува да се регенерира. Забите му паѓаат, но растат нови. Иако има 70, изгледа како да има само триесетина години, а одеднаш почнува да се сеќава на омилените песни и филозофски текстови. Уште почудно, може да чита на повеќе јазици, вклучувајќи кинески и албански, иако претходно речиси и не ги изучувал.
Дополнително, во неговата глава се појавува уште еден глас, кој му објаснува дека сега може да го направи она што некогаш му изгледало невозможно – да го продолжи своето истражување и да ја напише книгата без да се грижи за старечка деменција или физичко слабеење. За жал, нацистите трагаат по луѓе како Доминик кои можат да им помогнат во нивните окултни експерименти. Ако тој е клучот за разбирање на подмладување и регенерација преку електрична енергија, тогаш многумина знаат дека тоа знаење не смее да падне во нацистички раце. Доминик успева да се извлече и да се засолни во Швајцарија, а остатокот од својот долг живот го поминува патувајќи низ светот.
Една од клучните и вознемирувачки дилеми во романот е: кои се етичките граници на научниот експеримент кога целта е развој на човечката свест и знаење? Повеќето ликови се согласуваат дека нацистите не треба да електрифицираат луѓе за да научат повеќе за регенерацијата, но и докторите што го лекуваат Доминик на свој начин експериментираат со него, постојано го испрашуваат и се обидуваат да разберат што се случило. Еден лик дури тврди дека разбирањето на регенерацијата е поважно од индивидуалниот живот. Доминик, пак, смета дека добил втора шанса за знаење, но тоа не е нешто што може да се сподели со сите – тоа е дар само за малкумина.
Доминик е претставен како христијанска фигура, бидејќи е погоден од гром ноќта пред Велигден, а потоа „воскреснува“ и се подмладува. Што значи тоа што еден остарен и заборавен професор се појавува како некој вид Христос? Дали тој има одговорност за спас на човештвото или целта на неговиот живот е да ги исполни своите истражувачки каприци и цели?
„Младост без младост“, и книгата и филмот, се мистични патувања кои спојуваат времиња и цивилизации, на начин на кој нивните знаења постојано се збогатуваат и регенерираат, но и кои се подложни на злоупотреби ако паднат во погрешните раце.
Илина, Букбокс