
Во 1962 година, кога Ден Пелцер бил волонтер во Мировниот корпус во Непал, немало Гудридс ниту пак слични апликации. Наместо тоа, тој почнал да ги запишува сите книги што ги имал прочитано, најпрвин со пенкало а потоа со машина за куцање.
До својата смрт на 1 јули 2023 година, на возраст од 92 години, тој имал евидентирано вкупно 3.599 книги што ги прочитал во периодот од 1962 до 2023 – годината кога му ослабел видот. Денес, неговите белешки се достапни на веб-страницата „Што прочита Ден“, креирана од неговата ќерка Марси.
Првично, веб-страницата била направена за неговиот погреб – присутните можеле да ѝ пристапат преку QR-код на задната страна од програмата. „Мислев дека е многу убаво луѓето што гостите сакале да си заминат од погребот со списокот“, изјавила Марси за Њујорк Тајмс.
Подоцна, таа го споделила на Линкдин, нарекувајќи го „најдрагоцениот семеен спомен“. Но списокот станал вирален дури откако Градската библиотека на Колумбус ја објавила приказната на својот Фејсбук.
Во писмо до библиотеката, Марси опишала како нејзиниот татко секоја сабота ги носел децата во библиотека. „Никој не ја сакаше библиотеката повеќе од Дан. Сигурна сум дека бил меѓу најредовните и најлојалните корисници на вашите книги.“ Во некрологот, семејството побарало наместо цвеќиња, луѓето да прочитаат некоја „вистинска книга што не се пушта од рака“ во негова чест.
Во филијалата на библиотеката што Пелцер најчесто ја посетувал, билa поставенa изложбa со примероци од дел од илјадниците книги што ги прочитал – од „Капиталот во 21 век“ на економистот Томас Пикети, до романи како „Уметноста да се вози по дожд“ од Гарт Стајн.
Списокот не ги вклучува книгите што ги читал пред 1962 година, ниту пак Библијата, иако, според неговиот син Џон Пелцер, татко му ја прочитал околу дванаесет пати. Но списокот сепак открива многу за тоа каков човек бил.
Во 1980-тите, на списокот има повеќе книги за менталното здравје кај тинејџерите – што веројатно било поврзано со неговата работа како социјален работник во поправен дом. Бил либерал цел живот и читал многу книги за политика, религија и автобиографии.
Последната книга што ја прочитал била класикот „Дејвид Коперфилд“ од Чарлс Дикенс. Претпоследната – „Утре, и утре, и утре“ од Габриел Зевин (2022), роман за двајца дизајнери на видеоигри.
Ова не е првпат списокот на Пелцер да привлече медиумско внимание. Веб-страницата содржи и статија од локален весник од 2006 година, каде се вели дека тој читал околу 80 книги годишно. Тогаш штотуку го завршил „Улис“ на Џејмс Џојс – книга за која отворено изјавил: „Најлошата. Чисто мачење.“ И покрај тоа, ја дочитал. Бидејќи, како што забележува весникот, „Дури и кога книгата е катастрофа, Дан сепак ја чита до последната страница.“