Алгоговор: како социјалните медиуми ја менуваат иднината на јазикот

Адам Алексиќ е лингвист со диплома од Харвард (по потекло Србин, родителите-физичари се преселиле во САД во 1990-тите). Во својата нова книга под горниот наслов тој тврди дека човечката комуникација во моментов е на точка на пресврт, како резултат на развојот на алгоритмите. Значајноста на оваа трансформација може да се спореди само со претходните откритија на печатарската преса и на интернет. 

Јазикот е средство за комуникација и носител на значења. Тој ни овозможува да се поврземе, да сигнализираме намери, да координираме активности, да формираме заедници, но и да правиме разлика меѓу „ние“ и „тие“. Тој е алатка која постојано се менува и се развива заедно со нас.

Според Адам Алексиќ – познат на интернет како „The Etymology Nerd“ – човечката комуникација денес е на точка на пресврт, дефинирана од брзиот пораст на кратки, персонализирани видеа. Алгоритмите ја менуваат самата природа на јазикот, слично како што тоа некогаш го направиле пишувањето, печатот и интернетот. Се создаваат нови зборови, граматички правила и изрази во обид да се избегнат цензури, да се следат трендови и да се досегне до што поголема публика. Тоа е процес познат како „алгоспик“ или алгоговор.

Во својата книга „Алгоговор: како социјалните медиуми ја менуваат иднината на јазикот“, Алексиќ објаснува дека избегнувањето на алгоритамска цензура не е нова појава. Но разликата е што денес медијаторот не е човек, туку алгоритам. Новите зборови се шират како мимови – преку виралност.

Алексиќ е ентузијастички водич низ оваа нова јазична реалност и не гледа на неа како на упад во јазикот, туку како на доказ за човечка прилагодливост. Пример е песната „Ризлер сонг“, која ги собира популарните зборови на генерацијата Алфа и се шири со неверојатна брзина, станувајќи форма на „јазична игра“ што ги поттикнува когнитивните вештини кај децата.

Но, има и друга страна на приказната. Јазикот е и средство за моќ. Исто како што aлгоговорот поврзува луѓе, така создава и затворени заедници кои шират радикални идеи – како инцел идеологијата. Зборови како „блекпилд“, „сигма“ и „луксмаскинг“ излегуваат од тие кругови и стануваат дел од мејнстримот, често без корисниците да ги разбираат нивните значења и потекло.

Исто така, многу од новите термини доаѓаат од афроамериканскиот говор (AAE), кој преку алгоритамите се апсорбира во општиот јазичен репертоар, но на начин што често подразбира културолошко присвојување. Преку алгоговорот се нормализираат и опасни идеи. Понекогаш не е јасно што е причината а што последицата: дали трендовите ги рефлектираат политичките промени, или тие самите ги поттикнуваат.

Како инфлуенсер со стотици илјади следбеници, Алексиќ е свесен за начинот на кој треба да се игра со алгоритмите. Детално објаснува како инфлуенсерите користат „трикови“ за да го привлечат вниманието што се всушност стратегии за опстанок во економијата на внимание. Дури и гласот што го користат инфлуенсерите – сличен на тој на Кардашијаните – станува глобален стандард, влијаејќи на говорот и во реалниот живот, како што се гледа од примерот со британските деца кои за време на пандемијата усвојувале американски акцент (за што претходно пишувавме тука).

Но додека алгоритмите ја поттикнуваат еволуцијата на јазикот, писменоста тоне. Речиси третина од возрасните Американци имаат најниско ниво на писменост, а ситуацијата е уште полоша кај децата, особено од маргинализирани групи. Професори на елитни универзитети сведочат дека студентите веќе не можат да се носат со читање комплексни текстови, а во 2024 помалку од половина од возрасните Американци прочитале книга за свое задоволство. Интересно е и како зборот „креатор“ – што некогаш се користел за Бог – денес означува инфлуенсер кој „создава содржина“, а често само рециклира веќе видено.

Додека луѓето по 159 пати дневно го проверуваат телефонот и поминуваат часови на социјални мрежи, литературниот јазик станува жртва. „Ризлер сонг“ не е Шекспир, а скролање не е исто што и читање роман. „Контент“ не е исто што и „уметност“, а „креаторот“ не секогаш е креативен. Иако Алексиќ завршува оптимистички – дека сепак не сме „пропаднати“ – останува прашањето: ако вакви книги зависат од читатели, дали ќе ги има доволно за воопшто некој да ги прочита?
 

31 јули 2025 - 11:06