Ако имате дете на школска (па дури и претшколска) возраст по дома, и ако му дозволувате да гледа видеа на Јутјуб, сигурно веќе сте го посведочиле процесот. Тоа полека но сигурно го заменува мајчиниот јазик со „јутјуберски“, кој е наводно англиски, но содржи толку голем број специјализирани зборови и сленг изрази (од популарната култура, гејмингот, технологијата), што звучи како некој чуден јазик.
И ова не е само во не-англиски говорни средини. Нова студија во Британија, во која учествувале 3000 наставници, негуватели и тутори, покажала дека четвртина од нив се свесни за феноменот на „јутјуб акцентот“ - кога децата прифаќаат американски акцент или сленг како резултат на гледање јутјуб видеа и ТВ шоу програми. Ова не е нова појава, но е дополнително нагласена во последниве неколку месеци, како резултат на седењето дома во текот на пандемијата.
Ова се толкува како желба децата да се социјализираат со врсниците, да бидат дел од таа група која следи влијателни јтујубери или игра одредена онлајн интерактивна игра. Доколку се зборува на овој начин тоа е „сигнал“ за припадност или неприпадност на оваа субкултура.
Начинот на зборување се однесува и на употребуваните зборови, акроними, фрази, но и на изговорот и стилот на зборување (на пример интонацијата) која е исто така предмет на имитирање. Но ова никако не е нов феномен - многу пред интернет младите се свртувале кон што и да е кое било атрактивно и „кул“, без оглед дали е тоа американска, јамајканска, хип-хоп или к-поп култура. Многу поважно од тоа кој акцент го собираат по пат е што точно тие гледаат, велат британските лингвисти, барем оние кои немаат фобија од тоа некој томејто да се замеша помеѓу нивниот томато.