Џорџ Лукас конечно ќе го отвори својот Музеј на наративна уметност во 2026

Вчера, 28.07., Лукас беше пречекан со скандирање и стоечки овации при своето прво појавување на Комик-кон во Сан Диего. Но тој не дојде да зборува за „Војна на ѕвездите“ или „Индијана Џонс“. Целата панел-сесија беше посветена на неговиот долгоочекуван музеј, чие отворање беше најавено уште пред 10 години.

Музејот на наративна уметност на Џорџ Лукас, кој e во изработка повеќе од една деценија, треба конечно да биде отворен во 2026-та. Зградата е речиси завршена и има футуристички дизајн со 1.500 панели од фиберглас, органски форми и без ниту еден прав агол. Архитектите од студиото MAД се одлучиле за аморфна, флуидна форма што го симболизира непрекинатото раскажување приказни.

Првите фотографии од внатрешноста на музејот кој се гради во Лос Анѓелес беа прикажани вчера, 28.07., на панел во рамки на тековниот Комик-кон во Сан Диего. На него, прв пат во историјата на ваквите собири, присуствуваше самиот Лукас, во придружба на раперката и актерка Квин Латифа, режисерот Гиљермо дел Торо и уметничкиот директор Даг Чианг. Целта на проектот, според изјавата на Лукас, е да ја валоризира стрип-уметноста како сериозна форма на изразување.

Беше прикажано и видео презентирано од Семјуел Л. Џексон, во кое беа прикажани дел од експонатите — најголемиот број од личната колекција на Лукас. Меѓу нив има цртеж на лик од Флеш Гордон од 1934 година, оригиналната корица на Ајрон Мен бр. 1 од 1968 година, како и скици од стрипот Пинатс од 1950-тите и 60-тите. Исто така се прикажани и дела од Норман Роквел, Н.Ц. Вајет, Фрида Кало и голем број други уметници.

Љубителите на филмот ќе имаат што да видат – музејот ќе содржи сторибордови од „Војна на ѕвездите“ и „Ограбувачи на изгубениот ковчег“, како и оригинални филмски реквизити, вселенски бродови и сценографии.

Највпечатливо е тоа што музејот наративната и стрип-уметноста првпат ја третира со сериозност на вакво ниво. „Ова е храм на популарната уметност“, рече Лукас, објаснувајќи дека уште како студент почнал да собира уметност, но можел да си дозволи само стрипови. Денес поседува околу 40.000 дела од кои голем број ќе се најдат токму во салите на Музејот.

фото: Epa Images

29 јули 2025 - 10:18