!@#*!?!

Кратка историја на пцуењето

Во новата книга „Мамицата: кратка историја на пцуењето", експертот за средовековна литература Мелиса Мор ја истражува употребата на опсцениот јазик од стариот Рим до денес. Еве некои од нејзините откритија.

1. Во просек човек пцуе прилично многу

Околу 0,7% од сите зборови кои ги користиме во текот на денот се пцовки, што на прв поглед не изгледа многу, но е така ако се земе предвид дека со иста стапка ги користиме и личните заменки во множина, зборови како ние, наше или нам. Типичниот опсег, вели Мор, се движи од 0 до 3%. Како би изгледал разговор со некој трипроценташ? „Како да зборуваш со Еди Марфи", вели Мор. Не оној од Шрек.

2. Децата често пати учат пцовка пред да ја научат азбуката.

Во склоп на истражувањето на Мор е и она на Тимоти Џеј, професор по психологија на Massachusetts College of Liberal Arts, кој дошол до погоре споменатата статистика од 0,7%, и кој притоа забележал тенденција на пораст на користење пцовки кај децата во САД. До возраст од две години, вели Мор, повеќето деца знаат барем еден „мрсен" збор, а речникот во оваа смисла им се збогатува особено на околу три или четиригодишна возраст.

3. Некои од денешните безобразни зборови и пцовки (во англискиот) циркулираат повеќе од илјада години

Shit - екстремно стар збор кој може да се најде во англо-саксонските текстови, а истото важи и за ass и fart, само што во тоа време тоа не биле неучтиви зборови.

4. Древните Римјани ги имаат поставено темелите на модерните пцовки

Има различни видови пцовки, оние кои се однесуваат на Божјето име, на мајката и поширокото семејство, сексуални, расистички. Пцовките на Римјаните воспоставиле некаква шема на опсцени зборови, бидејќи нивното пцуење било базирано на сексуални табуа, иако во малку понаков клуч. Тие на пример не ги делеле луѓето на хомо и хетеросексуални (па да им се потсмеваат на последниве, на пример), туку на активни и пасивни.

5. Во средниот век пцовките кои се однесуваат на Бога се сметало дека физички го повредуваат

Како што вели Мор, одредени клетви и пцовки во кои се споменуваат делови од телото на Исус или него самиот се сметало дека во моментот на изговарањето го повредуваат и физички го разобличуваат, спротивно на црковниот обред на „составување" на Неговото тело, симболично преку лебот и виното.

6. Сепак, опсцените зборови не биле сметани за кој знае што

Луѓето од средниот век имале многу помалку приватност отколку ние денес, па оттаму и понеразвиено чувство на срам. Природните функции се одвивале..хм..поприродно, и ним, и на нивното спомнување во секојдневниот говор, не му се обрнувало толкаво внимание колку денес.

7. Луѓето во „растечката средна класа" користат помалку профаности

„Буржуите" типично пцујат помалку. Ова, според Мор, води потекло од идејата на Викторијанската ера, дека ако имаш контрола врз твојот јазик тоа значи дека се пристојна, добра личност, дека тоа е знак на твојата моралност и свесност за социјалните правила. Разликата помеѓу средната класа и аристократите е сепак голема - вторите сметаат дека местото во општеството им е зацементирано, дека нема што да загубат, па оттаму и пцујат повеќе, дури и прават шоу од истото.

8. Пцуењето може физиолошки да влијае врз твоето тело

Слушањето и кажувањето пцовки влијае врз кожата, правејќи дланките да се потат повеќе од вообичаеното, но истовремено ја намалува болката (како да си ја ставил раката во кофа полна студена вода).

9. Луѓето не користат пцовки само затоа што се глупи и прости

Мор вели дека не е до тоа дали воопшто пцуете, туку до стилот со кој го правите тоа. Нивното емоционално полнење е големо, и се одлични за навредување на луѓе, како и за сопствено празнење кога ќе се удрите со чекан по прст. Но пцуењето може да биде и здрава форма на отпор кон воспоставените структури на моќ и нивните табуа.

11 април 2013 - 09:59