Нулата како концепт постоела во древен Вавилон, каде означувала отсуство на бројка, како што ние ја користиме во, на пример, 101, со тоа што наместо кругче тие користеле два симбола што личат на чашки за мартини (долу).
Но поминале две илјади години додека нулата да биде прифатена како асли број. Ова се случило во Индија, а објаснувањето за ова е дека идејата дека ништо е нешто веќе била длабоко вкоренета во индијската култура. Нулата станала симбол за отсуството и празнината, а била наречена „шунја“, збор со кој и денес во индискиот се означува ништо како концепт, и нула како цифра. Таа, за разлика од другите цифри кои ги користиме денес а кои низ историјата ги менувале своите форми, отсекогаш била круг, како означувач на животниот циклус и бесконечното течење на времето.
Откако нулата си го осигурала присуството во јужна Азија, таа преминала на Блискиот исток, каде исламските учени ја вградиле во арапскиот математички систем, што го користиме и денес. Во Европа нулата пристигнала истовремено со христијанските крстоносни војни против исламот, но тогаш секоја арапска идеја, дури и во областа на математиката, била дочекувана со скептицизам и недоверба. Така, во 1299 нулата како „опасна сараценска магија“ била забранета во Фиренца, заедно со сите други арапски цифри, бидејќи властите сметале дека „ги поттикнува измамите“. Таа, имено, можело лесно да стане деветка, а да не зборуваме за додавањето нули на некоја сума. Нулата исто така отварала пат кон негативните броеви, а пак тие го легитимизирале концептот на должење и позајмување пари.
Колку и да е чудно, нулата конечно била прифатена дури во 15 век. Ренесансата била поттикната од пристигнувањето на системот на арапски цифри, кој ја содржел и нулата. Откако се случило тоа светот на аритметиката одеднаш како од црно-бел да преминал во боја. Светот без нули од тој момент веќе не може да се замисли: таа лежи во основата на научните револуции, а нашите компјутери зборуваат само во нули и единици.
Симбол за нешто што го нема, празнина којашто го зголемува секој број на којшто што се додава, нулата е постојано присутен парадокс. Како што вели Роберт Каплан во „Ништото што е: природната историја на нулата“, која излезе на преминот од 1999 во годината со три нули - 2000, историјата на нулата не е само начин да се следи еволуцијата на математиката, туку и еволуцијата на човечката мисла. Еднаш создадениот симбол кој претставувал одредена идеја, потоа самиот поттикнал нови операции, кои пак вродиле (и уште вродуваат) нови идеи. Така, нешто што изгледа како празен круг, всушност стреми кон бесконечност.