„Три вкусови Корнето" (намерна алузија на „Три бои..." на Кишловски?) е британска комична трилогија во режија на Едгар Рајт, чиј последен и најдобар дел (кого несакајќи го гледавме прв) се вика „Крајот на светот". Главни ликови се петорица пријатели на возраст од околу 40, кои пред дваесет години се обиделе да ја минат „Златната милја" во нивниот роден град Њутон Хевн, низа од 12 пабови во кои треба да се испие барем по едно пиво, со живописни имиња како „Двоглавото куче", „Славниот петел" и, последниот, „Крајот на светот".
Организатор на нивниот повторен собир е Гери Кинг (Сајмон Пег), најинфантилниот во друштвото, кој две децении шета со истиот а-ла-Матрикс капут и маицата со Sisters of Mercy, и кој никако не може да се помири дека тој и неговите пријатели нема да ја доживеат слатката завршница на нивниот некогашен подвиг, кој запрел токму пред последниот паб затоа што биле снеможени од пиење. Тој успева со разни лукавства да ги намами четворицата „нормални" и, за разлика од него, одамна возрасни луѓе со сериозни професии, да седнат во истиот автомобил со прекар „Ѕверот" којшто тој го возел и таа, 1990, и да го посетат досадното но симпатично место кое одамна го напуштиле.
Дури и да останеше на ова, со сета атмосфера на меланхолија и пропуштени шанси, но и на радост од повторната средба, филмот ќе беше супер. Но моментот во кој приказната буквално се прекршува и останува што без глава, што без екстремитети, сета испрскана со крв со боја на мастило, е толку неочекуван, што најпрвин помислувате дека се работи за кратка „екскурзија" на режисерот на полето на научно-фантастичниот трилер, комбинација на Тарантино и Карпентер.
Но наскоро станува јасно дека промената на жанрот ниту е привремена, ниту случајна - провинциското гратче е населено со андроиди, кои само личат на некогашните жители. Тие во име на човечкиот напредок полека ги заменуваат луѓето, кои пак ја трампаат нивната човечност за вечна младост и контролиран живот. Сите пабови се типизирани („старбаксизирани"), а сите млади изгледаат како да се дизајнирани по калап, или како - живи мртовци.
Така филмот станува сатира и на современото потрошувачко општество, но и ода на петарпановската човечка природа, која не смее да му се предаде на системот па макар и по цена на живот. Што е прогресот ако човекот - како таков - не може раат да се напие едно - добро, 12 - пива? Петорицата наскоро сфаќаат дека не се промениле тие, туку светот околу нив кој се заканува да ги проголта. Тоа и му успева со двајца од друштвото, кои набргу се заразени од „празните" и самите стануваат такви.
Кога работата се радикализира, на она малку асли преостанати луѓе им се нуди можност - да станат и тие андроиди во име на генерално подобрата иднина на човештвото, или целиот свет да живее во мрак и примитивност заради некаква замислена индивидуална слобода. Кралот (Кинг) го бира второто, по што следи општа апокалипса. И оние веќе преобратените во роботи (робови), и луѓето, се осудени на технолошки регрес. Некои од нив и во такви услови си ја наоѓаат среќата - повторно им се враќаат на семејствата и на „основните вредности". Гери си продолжува по старо - со друштво од неколку млади андроиди продолжува да кисне по пабови, со единствена разлика што наместо пиво, сега за своите другари бара - вода.
Овој мотив на „зомбификација" на помалите британски градови го има и во другите два филма од трилогијата. Додуша, место токму со такво име, Њутон Хевн, во Англија нема. Но затоа можете да ги посетите по список сите пабови во кој е сниман филмот, слушајќи го одличниот саундтрак. Со стиховите на еден нам географски поблизок бенд - подобро пијан, отколку стар.