Твитер е преполн со ботови. Еден прави мешавина на наслови, друг постира слики од музејот Метрополитан, а трет пронаоѓа твитови кои се меѓусебни анаграми.
Но според многумина @everyword е најдобриот бот досега. Негов креатор е програмерот и поет Адам Периш. Тој во интервју за Гардијан објаснува зошто почнал со овој проект и што научил од него.
Зошто го започнавте @everyword?
При крајот на 2007 Твитер беше нешто ново. Тоа беше возбудливо време, но јас бев скептик. Според мене луѓето постираа безначајни работи, тотално вон контекст. Сакав да ја сатиризирам краткоста на твитер пораките, со правење бот кој би постирал поединечни зборови.
Но сега го гледам Твитер на друг начин. Тоа е еден вид магичен пишувачки експеримент, и прекрасно е колку луѓе можат да учествуваат во него.
Од каде ги црпевте зборовите?
Искрено не се сеќавам како почна. Тоа е некој список на зборови кој го симнав од некој сајт. Не е Оксфордскиот речник. Всушност една од целите на @everyword е да се покрене прашањето за тоа дали е можно да се има канонски список на зборови во англискиот. За мене, очигледниот одговор е - не. Измислуваме зборови цело време. Имаме правила за тоа што можат, а што не можат да бидат зборови, и лингвистите сè уште не знаат каде да ја повлечат цртата.
На вашиот блог напишавте дека ова не е само река од случајни зборови, и дека целата поента е во контекстот. Што значи тоа?
Зборовите не се само нешта кои ги пишуваме и ги користиме во нашиот говор. Тие се исто така работи на кои мислиме поединечно. Секој збор е некаков социјален објект. Од друга страна, со оглед на тоа што @everyword се наоѓа во тајмлајнот на секој оној кој го следи, зборовите добиваат контекст на што и да е друго кое е во моментот на екранот. На пример, можеби е твитнат зборот „супер", а потоа читате твит за некој школски хаусмајстор или филм за Супермен.
Дали имате омилен збор?
Мојот одговор е веројатно грозен, но омилен збор ми е the. Тој е навистина чуден. Мислиме на него како да не значи ништо, но всушност значи многу. На луѓето кои учат англиски отпрвин им е тешко да сфатат како и каде се употребува. Гледајќи од страна, ако англискиот не ви е мајчин, тој е чуден, туѓ, мистериозен збор.
Најчесто ретвитаните зборови од оние кои ги имате постирано се „секс" и „марихуана". Што мислите дека значи ова?
Имам различно толкување на списокот на најфејвани зборови во споредба со повеќето луѓе. Ги содржи сите очигледни шокантни зборови, кои се табу. Зборови како секс, вагина, цицки - има големо преклопување на различни групи луѓе на кои овие зборови би им привлекле внимание, и токму затоа тие имаат и толку висока стапка на ретвитање.
Но фактот дека многу чести се и „извини", „зошто" и „што" ме прави да се чувствувам добро, дека @everyword е нешто кое прави луѓето да размислуваат во врска со јазикот и неговото функционирање. Има многу луѓе кои се супер заинтересирани за него и кои уживаат во ваков лингвистички предизвик кој им се нуди секој ден.