На 8 август 1982, во колумна на својата 31 страница, Њујорк Тајмс објави сторија за „сериозна болест чии жртви се главно хомосексуалните мажи...наречена синдром на стекнат имунолошки дефицит, или A.I.D.S." Тоа беше прв пат акронимот да се појави во мејнстрим публикација.
Со текот на времето „AIDS“, без точки, почна да се појавува почесто во вестите. Ова беше предизвик за речниците на англискиот јазик, меѓу кои и за Меријам-Вебстер, кои предлагаат воведување на лексикографска одредница само откако ќе се покаже дека таа има широка и долгорочна употреба.
Но колку долго е „долго“? За некои зборови во минатото била потреба и цела деценија пред уредниците да го дадат својот благослов. Во случајов уредникот на речникот за наука, Роџер Писи, ја препознал сериозноста на здравствената криза и инсистирал тој да се внесе што е можно побргу. Така, AIDS се нашол во новото издание на речникот од 1984. Двегодишниот пат од првата забележана употреба до внесување во речникот тогаш бил еден од најбрзите, ако не и најбрз во историјата.
Но само до појавата на коронавирусот. Минатата недела Меријам соопшти дека ќе направи специјално освежување на својот бесплатен онлајн речник со десетина зборови поврзани со пандемијата. На врвот на списокот беше COVID-19, израз создаден од СЗО и прв пат спомнат на 11 февруари на прес конференција во Женева. На 16 март Меријам-Вебстер го вклучи во речникот. Од непостоечки до лексикографкси признат за само 34 денови - ова не е само случај без преседан, туку е и одраз на посебен, критичен момент во историјата.
Тој исто така ја покажува агилноста на речниците на англиски јазик, вклучително и на најстарите и најконзервативните, да бидат во тек со начините на кои оваа криза го менува и јазикот. Притоа, освен стандардното следење на постоечки зборови кои се пребаруваат онлајн и регистрирање на нивните можни „пикови“, особено е важно да се следат НЕУСПЕШНИТЕ пребарувања за зборови кои не се во речникот, а за кои луѓето покажале интерес да ги дефинираат и разберат. Токму овие нови термини се оние кои речникот треба да ги регистрира, истражи и воведе. И притоа да го забрза овој процес колку што е можно повеќе. Во овој случај речникот направи нешто специјално: реагираше како новинарски деск. Според издавачот ова не значи дека речникот ги релаксира своите стандарди. Но ова се исклучителни времиња, за кои се потребни исти такви реакции.
Честитки за реакцијата на Дигиталниот речник на македонскиот јазик. За оној на хартија ќе почекаме, прво да видиме дали ќе остане некој кому ќе му биде потребен.
(фото најгоре, фиша со цитат за употреба на „социјално дистанцирање“ од архивата на Меријам-Вебстер од 1960)