Во 2010 Конгресната библиотека во Вашингтон потпиша договор со Твитер за архивирање на сите јавни твитови, без оглед на нивната содржина, а доби и збирка твитови од самото основање на компанијата во 2006. Но од 1 јануари оваа година, таа ќе почне да прави построга селекција на она што ќе го чува за некои идни археолози, историчари и љубопитници за тоа како се живеело во нашево време.
Во соопштението издадено непосредно пред Нова година, библиотеката вели дека се почувствувала задолжена да се вклучи во социјалниот разговор од истите причини поради кои собира и други материјали - „за да зачува запис за знаењата и креативноста“. Но изгледа по седум години, колку што поминаа од моментот на започнувањето на соработката со компанијата, и ним им станало јасно дека на Твитер не е сè ни толку значајно, ни толку креативно за да се троши мемориски простор, ресурси и време на негово сочувување. Освен тоа, заложбата била да се архивираат само текстуални пораки, а сега голем број твитови се всушност фотографии, кратки видеа или гиф-ови.
Новиот пристап на библиотеката ќе се состои од архивирање на твитови на значајни теми, поврзани со некој настан, на пример со избори или други поводи од национален интерес (за Американците). Тоа значи дека караници помеѓу славни и помалку славни личности, #третасмена и незаменливите #доброутро твитови ќе завршат во дигитален отпад, од каде низ вселената ќе скитаат како шум, чија вознемирувачка фрекфенција само ќе ја насетуваме, иако никогаш нема да ни стане јасно од каде точно доаѓа.