Во популарната емисија Hard Day's Night тој одговараше на прашања на водителот и на уште четворица новинари на московскиот телевизиски канал Дожд. Во следниов извадок од подолгото интервју за неговите ставови околу религијата, претстојната Олимпијада во Сочи и современата руска стварност. Некои моменти со прост копи/пејст можат да се применат и на нашата.
Објавувајќи го вашиот текст, вие на страниците на Руска газета почнавте многу интересна полемика со Руската православна црква. И секако, на вашиот текст припадниците на црковната хиерархија побрзаа да одговорат. Кажите ни, што ќе ви е тоа? Зошто воопшто одлучивте да запловите во тие води?
Јас не влегов во никаква полемика. Само напишав текст во кој се обидов подобро да го разберам потеклото и самата суштина на руската религиозна свест. За тоа пишувале и други руски мислители. Пред нас денес се одигрува вистински огномет на официјална и неофицијална религиозност, а она што непосредно ме поттикна на размислување кое го изложив во овој текст беше реакцијата на државата и општеството во однос на два според мене битни настани кои ја допираат оваа тема. Првиот е колосалниот аџилак по повод изложувањето на појасот на Богородица во црквата на Исус Спасителот, а другиот е случајот на панк групата Пуси Рајот. Просто ме заинтригира да се обидам себеси да си го објаснам потеклото на руското сфаќање на религијата.
Антон Павлович Чехов, кого го пичитувам не само како голем драматург туку и како филозоф, и воопшто еден од најголемите руски луѓе, во своите дневници оставил една кратка белешка, која потоа ја пренел и во своите Записи: „Помеѓу тврдењето дека Бог постои,и Бог не постои, се протега огромно поле преку кое секој вистински мудар човек од мака минува целиот свој живот. А рускиот човек тој средишен простор не го интересира. Него го интересираат само крајности, то ест - Бога го има-Бога го нема. Затоа што тој за Бога знае или многу малку - или не знае ништо".
Навистина исклучителна забелешка. Потпирајќи се на неа, го напишав овој текст и се обидов да проникнам во самата природа на руската религиска свест. И сега кога зборувам дека нашата религиска свест по својата суштина е еретичка, ми се чини дека не сум далеку од вистината. Тоа е затоа што таа веќе илјада години не се анализира, не се менува, не се развива. Каков било обид на критичко осмислување на религијата кај нас со силата на догмата секогаш бил забрануван.
И според ваша проценка, колку векови треба да минат за рускиот народ да биде подготвен за демократија?
Не е работата во вековите. Не е главен временскиот фактор. Тоа е како и со науката. Прво се таложеле знаења, а потоа дошол напредокот. Русија во 90-тите освои потполна слобода. А кои беа тие кои од неа се офајдија, сите ние многу добро знаеме.
Велите „офајдиле". Дешифрирајте ни го тоа, ве молам.
Сакам да кажам дека таканаречениот обичен руски човек не искористил ништо од тоа што тогаш го добил. Тоа го искористија луѓето блиски на изворите на државното богатство. И тоа само оние кои беа најснаодливи. Во текот на 90-тите, секој можеше да почне каков и да е бизнис. И со што заврши тоа? Денес во Русија таканаречениот среден бизнис практично не постои. Тој е сосема неостварлив, затоа што живееме во услови каде за миг сè завршува со монополизација. Како што кажа за својата земја еден африкански социолог: „Кај нас хардверот е демократски, а софтверот авторитарен". Истото може да се каже и за Русија. Јас Русија често ја споредувам со Африка.
Значи ли тоа дека се согласувате со Сергеј Брин, основачот на Гугл, кој во една прилика изјави: „Русија, тоа е Нигерија под снег"?
Може и така да се каже. Јас мислам дека ниту во Африка ниту во Русија не постои граѓанско општество, то ест не постои граѓанин. И со оглед на тоа дека граѓани нема, тоа што имаме просто се нарекува население. А таканареченото население е категорија која не е во состојба да сочинува општество, и затоа во речиси сите африкански земји, како и во Русија, населението и државата живеат сосема одвоено. За рускиот човек државата е трансцедентна (...)
Вие имате ислучителен вкус, и тоа сите го знаат. Денес сте го облекле тоа сако, а не некакво, да речеме црвено. Не е ли тоа една од формите на умеењето, да сопреш на време?
Знаете што, ако желбата за правење филмови почнеме да ги споредуваме со избор на сако, бидете уверени дека нема далеку да стигнеме.
Се согласувам. А како ги оценувате поставките на телевизиските преноси на важните настани како собранието на Народниот фронт или предизборниот конгрес на Единствена Русија?
Режија - одлична, глумци - никакви.
Може ли да се споредува со американскиот начин?
Не. Во Америка текстот речиси секогаш е импровизиран, а кај нас строго пропишан.
Вие ја режиравте прославата на 850 години Москва. Согласно тоа искуство, дали вашите телевизиски поставки на конгреси, бибиле поинакви од оние кои сме ги виделе?
Јас никогаш не би прифатил режисерски пренос на некаков партиски конгрес или нешто слично.
А на Олимпијада?
Олимпијадата би ја работел. Дури со Ернст (главниот директор на државата телевизија) имавме некои разговори за церемонијата на отварањето на Олимпијадата во Сочи. Беше интересно, но сепак е добро што на крај не се договоривме.
Дали вие се откажавте или тие се предомислија?
Пред околу година и пол, организаторите ме прашаа околу режијата на церемонијата на отварањето на Олимпијадата. Реков дека прифаќам само во случај уметнички директор да биде мојот пријател Марк Фишер, човекот со кого ја работев прославата 850 години Москва. Тој веќе работел на Олимпијадите во Пекинг и Ванкувер, а последните дваесетина години и дизајнот на сите настапи на Ролинг Стоунси и уште неколку познати групи. Му се јавив на Марк, тој дојде и веднаш одлета за Сочи. А кога се врати ми го кажа следново: „Проектот на стадионот не го видов, а стадионот се гради. Прво треба да се смисли дизајн на отварањето, а потоа архитектонскиот проект на стадионот. Во Пекинг под фудбалското поле се изградени шест спрата во длабочина, сето тоа поврзано со десетина лифтови и навистина колосална инфраструктура. А тука - само бетон и глина". Се обидовме набрзина да смислиме некои импровизирани решенија, но за жал тука ништо не можеше да помогне.
Едно време имавте необична пасија: ја изучувавте културата на тоалетите во различни земји. Можеби собиравте материјал за документарец, или можеби и веќе сте го снимиле, во секој случај го немам видено. Дали тоа значи дека според клозетот може да се дешифрира културниот код на некоја нација?
Може и така да се каже. Мислам дека по неколку прости работи може да се одреди културниот код и систем на приоритети на некоја нација. Во тоа да речеме спаѓа и сообраќајот. Јас често велам дека постојат две Русии. Едната е огромна, московска Русија, Московија, земјата која Петар Први сакал да ја создаде соочен со големо противење. Тој успеал да создаде друга, Европска Русија, и тоа негово дело јас го нарекувам „мал народ". Таа мала, петровска Русија дала нешто со што рускиот човек може да се гордее. Чајковски, Пушкин и уште стотина други, сето тоа е создадено после Петар Први. До него едвај можат да се набројат три или четири имиња: Рубљов, неговиот учител Теофан Гркот и понатаму е тешко некого да наброите. Јас самиот сметам дека сум Русин, и тоа европски. А постои уште и неевропска Русија, земја во кое нивото на животни потреби е исклучително ниско. Нејзиното население навикнало своите потреби да ги задоволува со минимум.
Неодамна центарот Левада обрна внимание дека 40-45% од населението на големата Русија нема потреба да има тоалет дома. Нив во целост ги задоволува да користат клозет во дворот, или можеби и самиот двор. Тие во тоа не гледаат никаков проблем, и тоа е важно да се разбере. Затоа што ако и денес практично половина Русија живее како Иван Денисович, тоа значи дека тој Иван Денисович, или поточно Солженицин, е се уште жив и дека таков ќе биде уште долго. Еден оброк дневно, две рубљи пензија - значи одлично. Сè е во ред. НИското ниво на потреби е првата работа, а отсуството на анонимна одговорност е втората работа на која треба да се обрати внимание. Зошто јавните тоалети се ваклани? Сами сме зад затворени врати. Никој не нè гледа.
А Бог? Бог гледа сè.
Да, точно. Но кај нас Бог простува сè.
Целото интервју тука.