Дорис Лесинг, царица

Кому бе ти „дама“?

Дорис Лесинг е една од авторките кои би сакале да сме ги познавале, не само преку нејзините книги (особено „Златната тетратка“), туку и лично. Луцидна и тотално кул, таа пред неколку дена почина спокојно во 94-тата година. Меѓу другото ќе остане запаметена по нејзиниот однос кон големите награди и почести кои ѝ ги нудеа.

Во 1992, петнаесет години пред да ѝ биде доделена Нобеловата за книжевност, на Лесинг ѝ била дадена можноста да стане Дама. Државјанин на Британија, но порасната во Jужна Родезија (до 1965 британска колонија), таа ја одбила честа со следново писмо, испратено до секретарот на тогашниот премиер, Џон Мејџор.

24. ноември 1992

Почитуван Алекс Алан,

Жал ми е што не ви одговорив порано, но бев во САД.

Ви благодарам за честа: многу сум радосна. Но веќе некое време се прашувам - „каде е таа Британска империја?". Секако, таа не постои. А сега гледам дека и не сум единствената која го кажува тоа.

Има нешто руританско во врска со наградите кои се даваат во име на не-постоечка Империја.

И уште нешто. Кога бев млада правев сè што можам да го променам оној дел од Британската империја во кој се наоѓав: старата Јужна Родезија.

И нели има нешто непријатно во врска со тоа некој човек, кога ќе остари, да прифати почест од институција која ја напаѓал кога бил млад?

Па сепак..колку би било убаво да се биде дама! Би го обожавала тоа. Дама на што?

Дама на Британија? Дама на Британските острови? Дама на Британскиот комонвелт? Дама на..? Ај нема врска.

Ве молам извинете ме за мојата непристојност. Жал ми е, навистина.

Ваша,

Дорис Лесинг

Ако ова не ви е доволно да ве освои, еве ја нејзината реакција кога новинарите ја пречекуваат пред вратата на нејзиниот дом во 2007 за да ѝ соопштат дека ја добила Нобеловата. Спојлер: кромидoт.

19 ноември 2013 - 12:43