„Мојот машки живот"

Колумните на Милош Васиќ конечно во книга

Текстовите на овој познат белградски новинар биле толку често пренесувани на сајтов што нè фаќа едно незгодно. Но сега, кога тој објави дел од нив во книга во Србија, се надеваме дека нив наскоро ќе ги видиме вкоричени и на македонски.

Васиќ е еден од старите волци (и со-основач) на белградско „Време" а текстовите во оваа нова книга ги има објавувано во рубриката „Мојот машки живот", од 2011-2013. Некои од нив веќе имаме пренесено, на пример „Папучар", „Алкохолна родова рамноправност" или „Ќелави од сите земји-помирете се". Намерно ги бираме оние кои се однесуваат на машко-женските односи, затоа што тоа е честа тема во овие по сè антологиски текстови.

Зошто сакаме како пишува Васиќ? Затоа што, можеби заради годините или заради табиетот, во него има една сирова (понекогаш дури и сурова) рационалност, стабилна вредносна структура, која не може да ја цимне ни најсилната белградска кошава. Со него секогаш знаеш на што си - не те фолира, не сака да ти се пикне под кожа, пет пари не дава за некаква политичка коректност, смета на тоа дека ќе ја цениш неговата чесност и животно искуство.

За Васиќ се раскажува дека кога некој ќе му се јави додека седи во друштво, тој вели: „Еве, седам со добри луѓе и убави жени". На ова прва реагира неговата родена жена, која со сочна пцовка прашува дали тоа значи дека жените не се добри, или не се луѓе. За слични, наводно шовинистички ставови на Васиќ кон жените, често му имаат реагирано српските феминистки. Но дури и некои од нив му симнуваат капа (иако и оваа метафора звучи родово сомнително). Една од нив, Јована Глигоријевиќ, во новиот број на Време му честита на нејзиниот колега за книгата со зборовите: „Зошто Васиќ и за чесните мажи не вели дека се убави? Затоа што тој, сексуално суштество како и сите ние, достигнал повисоко ниво - нему овие особини му се сексуално привлечни, во нив се заљубува, нив тој, хетеросексуалниот маж, ги гледа како убавина на жената која му се допаѓа. Па, драги мои соборки феминистки, ако тоа не е мажот каков што го сакаме во свет во којшто ќе бидеме рамноправни, тогаш дури и јас веќе не знам што сакаме".

Убав текст на Васиќ за убавите жени тука, од кој пренесуваме мал но клучен дел:

„Женската убавина се распоредува на крајно чудни начини: една има профил да се смрзнеш; друга има врат; трета има газ; четврта нозе (тука сум слаб); на петата ѝ штрчат цициња; на шестата куковите ѝ се спуштаат под струкот на срцедрапателен начин; седма има прекрасни слабички зглобови на нозете; осма има „арахноидни" (Крлежа) прстиња; девета има очиња од кои ми се пресекуваат колената; десета има трепки да се оладиш; единаесетата е едноставно толку шармантна, паметна и духовита што веднаш би ја однел дома и би ѝ правел сè што знам; дванаесетата има коса од која полудувам. И така натаму. Малку ли е?"

6 ноември 2015 - 08:46