Koja реченица би требало да им се остави во аманет на следните генерации во случај на катаклизма?

Еден ден во 1961, ваква дилема пред студентите поставил славниот физичар (и свирач на удирачки инструменти) Ричард Фајнман.

„Ако, поради некаква катаклизма, целото научно знаење би било уништено, а од него би можела да се спаси само една реченица за да се пренесе на следната генерација суштества, која би била таа?“. Ова прашање го поставил Ричард Фајнман во 1961 пред студентите на Калтеч. Условот бил таа да содржи колку што е можно повеќе информации, искажани со најмалку зборови.

Неговиот предлог бил следен: „Верувам дека тоа е претпоставката според која сите нешта се создадени од атоми - честички кои се во постојано движење, кои се привлекуваат кога се на мало растојание една од друга, но се одбиваат ако некоја сила се обиде да ги притисне.“

Креаторите на подкастот RadioLab во епизода од 18 април решаваат да го постават истото прашање среде пандемија на десетици луѓе, уметници, писатели, филозофи, историчари, готвачи, музичари. Најпрвин им испратиле мејл, за да имаат време да размислат, а потоа ги снимиле нивните одговори по телефон.

Има голем број интересни реакции, но тука ќе издвоиме две. Првата е на Кејтлин Дути, писателка, вработена во крематориум и авторка на јутјуб каналот „Прашај погребник“ (за која пишувавме во „Зошто не можете да чувате черепи од роднини по дома?“) Таа вели:

„За мене таа реченица би требало да биде - ќе умреш. Повеќето луѓе го сфаќаат тоа, но не и дека овој факт е најзначајниот за нивните животи. Луѓето се ретки суштества кои ја разбираат смртта и живеат со ова сознание. Оттаму, во нас има нешто конфликтно. Живееме во овие посрани тела склони кон распад, но се чувствуваме специјално и значајно. Па како да се помират овие две нешта? Тешко е, па оттаму мора да се креира, мора да се трансцендира. Мора да има религија, заедници, уметност. Тие се создадени од нашиот страв и од нашиот комплициран, чуден однос со смртта“.

Вториот одговор е на Џерон Лениер, компјутерски научник, „татко“ на виртуелната реалност и еден од оние кои помогнале во подемот на интернет. Има и нешто што го поврзува со Фајнман - неговата опседнатост со необични музички инструменти (има збирка од неколку илјади). Тој во интервјуто опишува и негова дамнешна средба лице в лице со славниот научник. Но на прашањето што би оставил како научно сознание на следната пост-човечка генерација, тој вели:

„Ништо“

Ништо. Нула.

И еве го објаснувањето: „Нема потреба од такво нешто. Тие следни луѓе ќе можат да почнат со откритијата од почеток. Не дека ние сме нешто посебни. Подобро е да ги оставиме да си ги сфатат работите на нивен начин.“

Една реченица која делува корисно може да ги одведе во погрешен правец, па како и луѓето, од атомската хипотеза да завршат со правење атомска бомба. Или - „Погледнете го интернетот. Тоа започна како прекрасен дар за луѓето, за да можеме да се поврземе како никогаш до тогаш, а сега служи за ширење дезинформации. Се уште имам неверојатно чувство на вина и несигурност за тоа дали всушност ужасно се заебавме, толку што ќе требаат векови и милениуми за работите да се оправат. Чувство на - Боже господе, дали тоа што го сторивме беше добра работа?...Во некој момент во циклусот на катаклизми и цивилизации, ќе има некоја која ќе биде помудра од нас и нема да се самоуништи. Тогаш, подобро да не ги зафркнеме овие луѓе пренесувајќи им информации. Ајде да им дадеме шанса природно да си дојдат до нештата, што и ќе го сторат.“

Целата епизода можете да ја слушнете тука

28 мај 2020 - 19:18