Пред неколку години пишувавме за „Чадот ти влегува в очи“, тогаш новата книга на Кејтлин Дути, вработена во крематориум и авторка на јутјуб каналот „Прашај погребник“. Нејзината втора книга се викаше „Од тука до вечноста: патување низ светот во потрага по добрата смрт“ и содржеше нејзини белешки од патувањата низ светот (Мексико, Индонезија, Јапонија, Шпанија, Боливија и САД) на кои тргнала во обид да се запознае со обичаите поврзани со смртта во овие култури.
Сега со повисока функција „менаџер на погреби“, Кејтлин има нова книга со благо речено необичен наслов - „Дали мачката ќе ми ги изеде очите?: големи прашања од мали смртници во врска со смртта“. Еве извадок од книгата кој се занимава со мешавина на проблеми кои произлегуваат од нечија желба да чува буквален скелет од роднина дома. Да, има и такви.
****
Можеби (а можеби и не) би биле изненадени од тоа колку често при мојата работа ужаленото семејство ме прашува дали може да зачува череп од починатиот. Под претпоставката дека намерите ви се добри, се соочувате со три главни пречки пред да можете да го употребите черепот на татко ви како сад за кикирики: документација, законска контрола и скелетонизација.
Теоретски, луѓето одлучуваат што се случува со нивното тело по смртта. Реално, речиси е невозможно да се добие дозвола за чување на скелет од починат роднина дома. Не иде да појдеш до погребалното и да речеш: „Тоа на масата е трупот на мајка ми. Може само да ѝ ја исечете главата и да ѝ го обезмесите черепот? Тоа би било супер. Баш ви фала!“. Просечното погребално претпријатие (всушност, кое и да е) не може да излезе на крај со едно вакво барање.
Како погребен професионалец, искрено немам поим која би била соодветната опрема за декапитација. Последователното одвојување на кожата и месото веројатно би вклучило варање и/или тн. „кожојадни“ бубачки, неверојатни суштества кои се користат во музеи и форензички лаборатории кога треба деликатно да се изеде неживото месо од некој череп без да се уништат коските. Овие инсекти се радуваат кога можат да влезат во грозната, леплива маса скапано месо и фино да исчистат насекаде, и околу најтенките коски.
Дури и мајка ви да оставила пишан, потпишан, датиран документ кој експлицитно вели дека таа сака да го имате нејзиниот череп откако ќе умре, тоа се уште ништо не значи, а тоа е така поради закон кој спречува тн. злоупотреба на трупови. Овие закони варираат од земја во земја и од држава до држава. На пример, законот во Кентаки вели дека злоупотребувате труп доколку го третирате на начин „кој би го нарушил вообичаениот семеен сензибилитет“. Но што е тоа „вообичаено“ семејство? Можеби татко ви бил научник кој секогаш ветувал дека кога ќе умре ќе ви ја остави својата збирка Бунзенови пламеници и својот череп. Сепак, со оглед на овие закони, ниту едно мртво тело не може да се смета за сопственост. Не е применливо она „си го најдов-мое си е“. За жал, истите закони се пречка за поставување на черепот на мајка ви на полицата со книги.
Па од каде доаѓаат тогаш черепите кои стојат на полици? Во САД нема федерални закони кои спречуваат сопствеништво, купување или продавање на човечки остатоци, освен доколку тие се домородно Американски. Оттаму, секоја држава засебно си одлучува како ќе го регулира продавањето или сопственоста врз човечки остатоци. Најмалку 38 држави имаат закони кои би требало да спречуваат ваква продажба, но реално тие се матни, збунувачки и ретко применливи. Во седумесечен период во текот на 2012-2013 на И-беј се појавиле 454 човечки черепи, со просечна цена од 650 долари (подоцна И-беј ја забрани ваквата продажба).
Голем број черепи за приватна продажба имаат сомнително потекло, и произлегуваат од трговијата со коски во Индија и Кина. Коските најчесто се од луѓе кои не можеле да си дозволат кремирање или закоп. Оттаму, да биде јасно: не можете да го имате трупот на сопствената мајка, но ако сакате да влезете во сомнителните води на интернет трговијата со вакви предмети, фемур од другата страна на светот може да ви пристигне по пошта до дома.