Колку и да делува баналнo во однос на сиот ужас, една од темите на социјалните медиуми поврзани со петочните напади во Париз беше видот на музика и името на бендот на чиј концерт се случи најголемиот удар. Во ова некои видоа скриена симболика за можните мотиви на напаѓачите и на нивната идеологија.
Но Eagles of Death Metal ниту свират хеви-метал, ниту пак во нивните песни има нешто во врска со смрт и насилство. Групата е од Палм Дезерт, Калифорнија, а нивната музика е мешавина на блуз-рок со звуци од 1970-тите со голема доза хумор. Како што објасни еден од двајцата лидери на бендот во неодамнешно интервју за Ролинг стоун, дадено во пресрет на излегувањето на нивниот нов албум, прв по седум години, нивно правило е шоуто кое го изведуваат да биде пред сè забавно и лежерно. Токму oбратно од она што се случи на нивниот вчерашен концерт во Париз.
Според моменталните информации на концертот се убиени околу сто луѓе. Ниту еден член на бендот не е повреден. Салата Батаклан, која собира 1500 луѓе, датира од 1860 и е именувана според оперета на Жак Офенбах, 19-вековниот мајстор на француската „лесна" опера. Сепак во последниве години просторот е место главно за рок концерти, а според извештаите Eagles of Death Metal во петокот свиреле пред распродадена сала.
Други бендови кои требаше да свират деновиве во Париз, како U2, ги откажаа концертите.