Пред сто години Чарлс Спирман открил две многу важни нешта за човечката интелигенција. Прво, дека постои генерален фактор на интелигенција (g) односно дека луѓе кои постигнуваат високи резултати на еден тест имаат тенденција да имаат високи резултати и на други тестови на интелигенција. Втор е тн. „принцип на индиферентност на индикаторот“, што значи дека без оглед на типот на тестот кој се поминува, сè додека е доволно когнитивно сложен и се состои од доволен број прашања, тој може да се смета за валидна мерка за генералната когнитивна способност на поединецот.
Нова статија објавена во списанието Psychological Review тврди дека постои тн. „мрачно јадро на личноста“, односно генерален „мрак“ фактор (тн. d-factor, oд dark), и дека и тој, како и претходниот со интелигенцијата, подлежи на принципот на индиференција на индикаторот.
Што се подразбира под „мрачни својства“ и дали постои нешто што ги обединува?
Во спомнатата новообјавена статија, данскиот истражувач Мортен Мошаген и неговите колеги го дефинираат „мрак“ факторот како „базична тенденција да се максимизира шансата за постигнување на својата цел на сметка на другите, придружено со такви убедувања, кои служат како оправдување за сопствените зли постапки“. Оние кои имаат висок мрак-фактор, според ова, постапуваат во своја полза и кога, или токму кога тоа оди контра интересите на другите, или дури и кога кај другите доведува до крајно негативни последици по другите.
Ова не значи дека ваквите луѓе не се кооперативни - тие само бираат кога да бидат такви. Главно за нив е тоа што не се мотивирани да им помогнат на другите без притоа да извлечат некаква корист од истото, и тоа што не чувствуваат задоволство само затоа што некому друг му е добро.
Мрак-факторот може да се манифестира низ голем број етички, морално и социјално сомнителни ставови и однесувања. Но според авторите на студијата постојат најмалку девет особини кои го сочинуваат „пакетот“ на злобниот човек. Тоа се: егоизмот, макијавелистичкиот карактер, моралната рамнодушност, нарцистичноста, психолошката супериорност, психопатијата, себичноста и чистата злоба (последново - однесување кое штети и на себе и на друг, но сепак се прави само заради ќефот од второто).
И иако веројатно методите на истражувачите се малку покомплицирани, од Сајентифик Американ велат дека доколку (искрено) одговорите на следниве девет прашања, или се ставите во позиција на човек кого го знаете, како тој или таа би одговориле на нив, тогаш би можеле отприлика да си го процените својот или мрак-факторот на блиските.
ОДГОВОРЕТЕ СО ДА ИЛИ НЕ:
1. Тешко е да се живее без „фаќање кривини“ тук и таму
2. Сакам да користам лукава манипулација за да си го остварам своето
3. Луѓето кои се малтретирани најчесто направиле нешто што го предизвикало истото (односно сами се виновни)
4. Знам дека сум посебен затоа што сите ми го кажуваат тоа
5. Искрено чувствувам дека заслужувам повеќе од другите
6. Би кажал/а сè само за да го добијам она што го сакам (* тука спаѓа и внимание)
7. Повредувањето луѓе може да биде возбудливо
8. Се обидувам сите да знаат за моите успеси
9. Понекогаш вреди малку да страдам само за да видам како другите си ја добиваат казната што ја заслужуваат
Ако на повеќето одговоривте со „да“, тогаш или мракот почнал да ве голта; или сте некој од нашите омилени филмски ликови; или просто минувате предолго време на социјални мрежи, кои како колективно да ни го качуваат мрак-факторот.