Без оглед дали се работи за родот на оние на кои се однесува дејството, нивната лоцираност во времето и просторот, бројноста или каква и да е друга информација која се обидуваме да ја пренесеме, некои јазици се поекономични од другите, скратувајќи на овој или оној лингвистички елемент, кој би требало да се подразбира од контекстот. Во персискиот, финскиот, кинескиот или јапонскиот на пример, не се прави разлика помеѓу машки и женски род, а во мандаринскиот има опција за одредување на глаголското време, но тоа често не се прави. Во јазикот мајбрат на Нова Гвинеја пак таква опција воопшто не постои, и никој нема проблем со тоа.
Ако има награда за јазик најнабиен со информации, пишува професорот по лингвистика Џон Меквортер во Атлантик, тоа би бил кабардинскиот. Тоа е северозападен кавкаски говор кого го зборуваат над милион луѓе, а се пишува со кабардинска азбука, заснована на кирилицата. „Тие ме видоа", на пример, на овој јазик се вели sǝq'ayǝƛaaɣwǝaɣhaś (сакалагахеш), што е всушност збор-реченица во која се зипувани повеќе информации. Таа подразбира дека оној кој бил виден сум јас, дека тоа за мене било позначајно отколку за оној кој ме гледал, дека гледањето било направено од повеќе од едно лице, дека дејството не се случило во сегашноста, и што е најважно, дека говорникот (јас) навистина го мисли тоа што го вели.
Од штедливите говори кои се повеќе усни дијалекти отколку пишувани јазици се издвојуваат некои индонезиски. Така, на раиу дијалектот кој се зборува на Суматра за кокошка се вели ајам, а за јаде макан. Но „ајам макан" не значи само „кокошката јаде". Во зависност од контекстот тоа може да значи „кокошките јадат", „една кокошка јаде", „кокошката јаде", „кокошката ќе јаде", „кокошката јадеше", „некој јаде кокошка", „некој јаде со кокошката", „кога кокошката јаде" итн. Со самото тоа што овие две работи се поврзани, претпоставката е дека во одредениот контекст секој ќе разбере за која верзија станува збо,р па нема потреба од смислување на секоја од нив посебно.
Дали оваа разлика во формирањето реченици има врска и со светогледот на Индонежаните и Кабардијанците? Дали еден продавач од Кавказ е посензитивен на нијансите на искуството отколку некој рибар на Суматра? Иако низ историјата на лингвистиката имало различни претпоставки на оваа тема, наједноставното објаснување е дека тука нема некое подлабоко значење, туку дека ваквиот различен развој на јазиците се должи на - случајност
Времето и повторувањето ги „заморуваат" зборовите, па често она што останува од некоја комплицирана структура од минатото денес се сведува на само еден звук, кој го содржи она најважното што треба да го знаеме. На пример во јазици каде последните гласови се акцентираните, тие се оние кои се одржуваат, затоа што се најартикулирани и најјасни. Оттаму тие често содржат и некоја важна информација, на пример во хебрејскиот, во кој го отсликуваат родот на подметот во реченицата. Освен тоа, ако одреден јазик се користи од поголем број луѓе во поширок регион, тој е подложен на повеќе промени во смисла на скратувања, „како тревник кој често се коси".
Но дури и како што тврди Меквортер сето ова да нема врска со некаков светоглед на говорителите на различни јазици, разликите се сепак восхитувачки. На домородниот јазик ацугеви во северна Америка доколку сме пронашле пепел од изгорено дрво во близок поток би требало да кажеме w'oqhputíc'ta, што значи „дрво кое како прашина, на паѓачки начин, се влеало во течност, и тоа навистина". На македонски би рекле само „изгорело, де".