Во 480-та пред наша ера граѓаните на Атина биле на големи маки. Ксеркс, синот на Дариј, имал незавршена работа во однос на Грците, оставена во наследство од неговиот татко. Една деценија порано, во битката кај Маратон, се случило нешто чудесно: атинска армија го победила Дариј и неговата огромна персиска орда, спасувајќи го полисот од сигурно уништување. Сега Ксеркс повторно навлегол во Грција, да ја заврши работата започната од неговиот предок, со армија која според грчкиот историчар Херодот (кој типично преувеличувал) броела 5 милиони луѓе, а реалистично се состоела од околу 360.000 војници, како и армада од 750 бродови.
Соочено со неколку пати посилен непријател и речиси сигурен пораз, атинското раководство ги побарало услугите на првиот светски политички консултант - Питија од Делфи.
До тоа време пророкувањето веќе било етаблирана институција. Питија било заедничко име за постарите свештенички од Храмот на Аполон во Делфи, кои повеќе од 1100 години (до 390 од нашата ера, кога радикалните христијани ја избркале последната „Питија“ односно пророчка од Парнас), биле сметани за најавторитативни извори на информации за иднината во Грција. Патници од целиот древен свет се слевале кон храмот за да им бидат одговорени прашањата кои ги мачеле. Од малата просторија во дното на храмот, Питија-та на смена (а имало три свештенички кои стоеле на располагање во секое време) ги изговарала пророштвата во состојба на транс, најверојатно како резултат на вдишување халуциногени гасови кои се кревале од пукнатините на карпите на Парнас, планина за која денес знаеме дека е лоцирана на место каде се допираат две текстонски плочи.
Како што известува и Плутарх, кој едно време служел како свештеник во Делфи и помагал на пророчиците, на свештеничката откако ќе ги вдишела необичните испарувања почнувала да ѝ се менува бојата на кожата, ѝ се кревала косата, а гласот и добивал тон како да доаѓа од друга планета. Зборувала во рими, во пентаметар или хексаметар. Во модерни термини, била надувана до даска. Но истовремено, Делфи претставувала и првата консултантска фирма за политички ризици.
Политичките елити од тоа време постојано биле во потрага по аутсајдери со наводно магично познавање и на сегашноста и на иднината. И иако денес алатките се имаат променето, притисокот да се познаваат геополитичките околности и да се менаџира ризикот од погрешно преземените дејства е ист. Прашањeто кое треба да го одговори политичкиот аналитичар е исто како и во деновите на Питија: кое супериорно знаење (духовно или интелектуално) е потребно за да бидеме ако не стопроцентно сигурни во исходот, а тогаш барем да ги минимизираме ризиците?
Денешните консултантски компании се обидуваат да ги имаат истите квалитети како и Питија - да го уживаат истото почитување и доверба. Но свештеничките, со тоа што биле изолирани некаде на планина, биле истовремено и безбедни од влијанија на елитите, и клетвата на аналитичкото групно мислење, кое има зафркнато голем број современи аналитичари. Физичката, интелектуалната и емоционалната дистанца има голема аналитичка вредност, која не важи ако постојано се функционира во херметички изолираната елитна средина, од која станаа дел и ваквите фирми.
Питиите од своја страна биле бирани од група високо образовани жени, добро информирани за светот, но кои биле доволно дистанцирани од центрите на корупција и моќ - токму идеалното Си-ви кое би го посакал секој политички консултант денес. Тие нуделе практични совети кои ги одредувале идните дејства, исто како што тоа го прават денес политичките аналитичари. Нивниот скор на исполнети пророштва бил завиден - помеѓу 535 и 615 пророштва кои опстанале до денешен ден, повеќе од половината историски се исполниле, нешто со што не можат да се пофалат голем број модерни фирми.
Додуша, не е за потценување и толкувањето од страна на атинските лидери на мистериозните пророштва. Во тој спој на женската пророчка мудрост и машката моќ на донесување одлуки, се одвивал голем дел од историјата, во која пророчиците ем биле богато монетарно наградувани, ем си го одржувале своето привилегирано место на независни консултанти.
извор: Аеон