Во 897 година италијански рибар се извадил од памет кога, според легендата, извлекол тело на мртов великодостојник од реката Тибар. Девет месеци по својата смрт, а непосредно пред овој настан, папата Формозиј - сопственик на трупот - бил во центарот на една од најбизарните епизоди во историјата на папството: постхумно судење на мртов човек. Целата приказна и недостоинственоста на постапката со неговите остатоци ја обележала политиката на Европа во доцниот деветти век.
Еден брзински поглед на списокот папи во овој период покажува дека во Рим и Ватикан владеел хаос. Помеѓу 872 и 965 во Рим биле крунисани ни помалку, ни повеќе, туку 24 папи! Професионалните ризици од тоа да си папа вклучувале подготвеност да бидеш свргнат, фрлен во затвор или убиен. Високата стапка на „обрт“ на оваа моќна позиција може да се припише на политички интриги и на политичка нестабилност.
Но ова не важело само во највисоките кругови - понтифот играл централна улога и во регионалните конфликти за доминација. Во нив учествувале, од една страна, каролиншките императори кои низ целиот деветти век се наметнувале како владетели на Италија и заштитници на католичката црква. Но нивната доминација била доведувана во прашање од силни локални династии, како војводите од Сполето.
Уште на почетокот на своето владеење, Формозиј се нашол вмешан во овие сложени околности. Од неговото ракоположување како бискуп на Порто - диоцеза на устието на Тибар, северно од Остија - тој вршел бројни дипломатски мисии во име на папството, што го довело до Бугарија, Константинопол и до каролиншките територии. Тој бил приклонет кон извесен Арнулф од Каринтија, дел од каролиншка царска династија, кој имал амбиции да го преземе тронот како крал на Италија.
Но ваквата активност на идниот папа не наишла на поддршка кај неговите надредени. Папата Јован Осми се плашел дека ако кралот не биде баш Италијанец, Рим ќе ја загуби својата независност. Во 876 го екскомуницирал Формозиј и го избркал од неговата дотогашна диоцеза. Тој и неговите следбеници морале да го напуштат Рим под закана на судење за корупција и неморалност. Нашле засолниште на дворот на владетел на Сполето.
Формозиј имал добри нерви и чекал нештата да се подобрат. Во 883 под новиот папа, Марин Први, бил помилуван. А по смртта на следниот папа Стефан Петти, самиот станал папа.
Ситуацијата со којашто се соочил била комплицирална. Неговиот дотогашен заштитник, владетелот на Сполето добил на сила и се крунисал како крал на Италија, а потоа од папата побарал да добие и царска титула. Формозиј, немајќи избор, му го овозможил ова, но истовремено ги актуелизирал дипломатските врски со Арнулф, давајќи му поддршка за можна инвазија.
Арнулф навлегол во Милано и Павија во 893. Наскоро му се заканил и на Рим, целосно обиколувајќи го Вечниот град. Внатре во Рим, фракцијата лојална на царот се побунила и го упасила папата Формозиј затворајќи го во замокот Сент Анџело. Но одбраната не била доволно силна, па Формозиј неколку денови подоцна бил ослободен и го крунисал Арнулф за император во базиликата св. Пеар. Неколку месеци подоцна Формозиј умрел, можеби од старост (имал 80) или бил затруен.
Некои го величеле како правичен папа; други не можеле да му простат што форсирал Германец а не локални династии. Ни смртта не го спасила од вечниот циклус на интрига и внатрешни конфликти. За новиот папа, Стефан Шести, да се постави авторитативно пред локалците инсистирал да се одржи „лустрација“ на Формозиј, пред целата папаска курија и римското благородништво. И што е најчудно од се, било одлучено самиот Формозиј да си присуствува на своето постхумно судење.
Целиот настан бил внимателно осмислен до последниот детал. Балсамираното тело било внесено во судница пред сите кардинали, бискупи и други црковни функционери облечени во свечени одори. Обвинетиот труп имал и адвокат, а му бил прочитан и обвинителниот акт. Едно од обвинувањата било дека неговата номинација за папа била самата нелегална, затоа што во тој момент бил бискуп на Порто. На обвинувањата кои му биле директно упатувани на трупот одговарал понизок црковен службеник, но изворите велат дека главно читал од претходно подготвени изјави.
Судот пресудил дека е виновен по сите основи, а казната била отсекување на трите прста со кои папата благословувал, тој да биде облечен во обични алишта и да биде закопан во заедничка јама. Но актуелниот папа не бил задоволен од ова, па наредил тој да се откопа и да се фрли во Тибар.
Дури и за Римјаните од тоа време, кои биле навикнати на разни скандали, ова било „го допревме дното“. Папата Стефан Шести бил уапсен и задавен во затвор неколку месеци по „Синодот на трупот“. Неколку години подоцна, папата Јован Деветти го рехабилитирал Формозиј и забранил понатамошни судења на мртви папи. Иако веројатно е мит, телото наводно е повторно закопано со сите почести.