Во опатија во мал италијански град постои фреска која го покажува Исус како носи крст а долниот крај го забодува во срцето на една монахиња. Додека крстот влегува во неа таа спокојно гледа нагоре, помагајќи му со рацете. Ова е света Клара од Монтефалко, опатица од доцниот 13 век. Сликата всушност ја претставува нејзината визија, за којашто зборувала толку често, што другите монахињи по нејзината смрт решиле да ѝ го отворат срцето и да видат дали таму навистина има нешто.
Дисекцијата претставува ран пример за нешто што подоцна ќе стане традиција на изведување аутопсии за да се потврди светоста на некој поединец. Камењата внатре одредени органи, кои се откривале по смртта, претставувале потенцијални знаци на светост во рана модерна Италија.
Внатре Клара испитувачите наводно нашле не само мало распетие, туку и цела колекција предмети со симболично значење - круна со трње, три шајки, сунѓер, камшик и други нешта, сите формирани од мускулот на нејзиното срце. Во жолчката имало и три камења, кои според тогашниот главен викар на Болоња, биле обоени како пепел, еднакви во боја и тежина, поставени во жолчката на начин кој формирал триаголник, односно кој го симболизирал Светото Тројство.
Ова е барем приказната која била раскажана на церемонијата за канонизација на Клара како светица, неколку години по нејзината смрт. Случајот бил контроверзен, бидејќи постоело сомневање дека монахињите самите ги ставиле реликвиите во телото. Клара не била официјално прогласена за светица уште неколку векови.
Ова не било единствената света жена чија внатрешност била испитувана во потрага по скриени симболи на светост. Света Маргарита од Сита ди Кастело наводно исто така имала три камења во срцето, секој декориран со сцени кои го претставувале раѓањето на Исус, Богородица и Јосиф како и бел гулаб.
Ако телото на светецот можело да содржи знаци за истото, важело и обратното - телото на еден криминалец можело да укажува на неговата злобна природа - како „влакнесто“ срце или дополнително мистериозно ребро. Во гревот, како и во светоста, физичкото и духовното биле многу тесно поврзани.
Истото важело и за присуството на демони во телата на жени за кои се тврдело дека се свети - дали на пример визиите кои ги имала некоја монахиња биле навистина канал кон Бога или пак таа била жртва на некаква патологија? Со оглед на фолклорот кој ги опкружувал жените-мистици ова и не е „нелогично“: радикално верните доживувале течење на крв од устата и носот и паѓале во транс кој изгледал како мешавина на мачење и екстаза. Можеби токму поради таа фина линија помеѓу светоста и лудилото, монахињите околу св. Клара одлучиле да прибегнат кон радикални мерки.