„Не биди песимист“ се кажува на некој кој ги подрива надежите дека работите ќе излезат на добро, и кој со тоа некако магиски придонесува тоа навистина да биде така. „Песимист“ оттаму станува обвинување за негативен став, кој води кон резигнираност или очај. Дури и кога работите се навистина лоши, и е очигледно дека нема да се подобрат, песимизмот не е социјално дозволен, односно се толкува како дефетизам.
Џошуа Фо Динстаг, во книгата „Песимизам: филозофија, етика, дух“ (2006, Принстон јуниверзити прес) спори со овој став, велејќи дека песимистите во историјата на човештвото одиграле (и уште играат) клучна улога на „кочничари“ на неоснованиот ентузијазам и критички проценители на ситуацијата. Целта на ваквиот светоглед не е да проповеда лажно софистициран „даун“ туку да нè подготви за излегување на крај со хаотичниот и често немилосрдниот универзум.
Повеќето филозофи кои неформално можеме да ги наречеме „песимисти“, и покрај сите разлики, делат една идеја - дека времето е товар; дека текот на историјата е ироничен; дека слободата и среќата се некомпатиблни, дека човечкото постоење е апсурдно.
Ако дијагностицирањето е горе-долу тоа, лековите кои се препорачуваат се различни. Шопенхауер препорачува самоизолација и самоодрекување. Ниче и Ками реагираат со гледиште кое сепак го цени животот, и му пристапува со она што првиот го нарекува „дионизиски песимизам“, прифаќање на животот онаков каков што е, со сета константна промена и страдање. Ками оди и чекор понатаму, повикувајќи на бунт. Има еден куп писатели и поети кои биле повлијаени од песимистичките филозофи или самите промовирале вакви идеи: Бекет, Борхес, Буковски, Достоевски, Уелбек. Нивниот песимизам може да е политички, културен, технолошки, а може е просто резултат на нивниот табиет.
Погоре спомнатите имиња се познати и славни по својот мрачен (чуј, мрачен...) поглед на животот. Но има и други, дури и порадикални, кои се оставени на маргините на историјата на филозофијата. Таков е, на пример, Хегезија од Кирена, антички филозоф кој сметал дека е невозможно да се постигне среќа, туку дека целта на животот треба да биде просто одбегнување болка и тага. Цицерон тврдел дека Хегезија напишал книга под наслов „Смрт со прегладнување“ која се обидувала да ги убеди луѓето дека смртта е попожелна од животот. Со оглед на тоа што станала опасно популарна, властите процениле дека ширењето на вакви идеи може негативно да влијае врз граѓанството, па на Хегезија му забраниле да предава во Александрија. Се смета дека тој бил под влијание на будистички мисионери кои стигнале до Кирена и Александрија. А заслужено го носел прекарот Пеиситанатос, или „Смртоубедувачот“.
Види претходно: Најпесимистичниот град во светот