Градот во централна Финска, кој се гордее со сопствениoт песимизам, има градско песимистичко здружение кое организира фестивал на песимизмот, па дури и онлајн продавница со сувенири кои одговараат на титулата „најпесимистичен град на светот“. Аргументот на оние жители кои најпрвин имале нешто против ваквото брендирање бил дека со ваквата етикета Пуоланка ќе ја загуби својата репутација. „Но која репутација побогу?“, одговориле оние „за“, и тоа со право, бидејќи претходно никој жив не знаел за градот кој сега привлекува куп туристи.
А етикетата е всушност резултат на негативните демографски процеси кои ја зафаќаат цела Финска, но особено се чувствуваат во мал град како овој - тој има 2600 жители, а повеќе од 37% од нив се над 64-годишна возраст. Бројот на жители е преполовен од 1980-тите, а младите бегаат во поголемите градови.
Во раните 2000-ти Пуоланка се појавувала во домашните медиуми исклучиво во негативно светло. Тогаш група жители одлучиле дека ако веќе се најлоши, тогаш ќе бидат најдобрите најлоши во земјата. И тоа го прават со доза на хумор. На пример за присуство на некој културен настан не се плаќа влезница туку излезница. Еден кој редовно се одржува се состои од настап на аматерски бенд, наречен „Траума груп“.
Видеата од градот на јутјуб се неодоливо симпатични, баш затоа што се антирекламни. Еден од насловите е „Возачкиот рај на Пуоланка“ (бидејќи по пат нема живо пиле). Со оглед дека пред доста години сме биле баш блиску, на 130 км од местото во најблискиот поголем град Оулу, сега ни е криво што не сме го посетиле. Ама...оптимисти сме за некој следен пат.