Во 1861 Линколн добил куп подароци од Сомдеч Фра Парамендр Маха Монгкут, крал на земја тогаш позната како Сијам. Тоа е истиот кого го играше Јул Бринер во хит мјузиклот „Кралот и јас“, во кој се опишува врската на монархот со Ен Хериет Леоновенс, британска туторка на неговите деца.
Гестот всушност не се однесувал конкретно на Линколн. Монгкут испратил подароци на „кој и да е што е избран од народот како нов главен владетел на местото на претседателот Бјукенен“. Помеѓу даровите имало скапоцен рачно направен меч, фотографии од кралот и ќерка му, како и две огромни слоновски кљови. Но многу позначајна била понудата на кралот да испрати големо крдо слонови, кои би можеле да се размножуваат на американска почва.
„Пахидерматите“, како што гласела нивната таксономска категорија во тоа време (група која вклучувала животни со дебела кожа), не биле само домородни за она што е денес Тајланд, туку биле ценети како важни и скапоцени суштества. „Ни падна на памет дека доколку на континентот Америка би биле пуштени на слобода парови млади машки и женски слонови, по некое време таму би имало големи крда, исто како тука на Азискиот континент. Така, жителите на Америка би можеле да ги фаќаат и да ги припитомуваат, а потоа да ги користат за влечење и други корисни нешта“. Монгкут признал дека уште немал размислено околу најдобриот начин за испраќање на слоновите, но генерално му се допаѓала неговата сопствена идеја.
Во „генијален“ дипломатски потег, адиминистрацијата на Линколн го одбила подарокот. Во одговорот, напишан од државниот секретар Вилијам Сувард, тој го известува дека добиените подароци му припаѓаат на американскиот народ и ќе бидат вдомени во Националната архива (каде стојат до денес). А што се однесува до слоновите, писмото тотално го отфрла предлогот.
„Владата не би се мислела два пати да прифати толку великодушна понуда, доколку предметот на таа понуда би бил практично корисен во моменталната состојба на САД. Но нашата политичка јурисдикција не допира толкаво дно за да се занимава со репродукција на слонови, а пареата на земја, како и на вода, е нашиот најефикасен начин на транспорт во внатрешната трговија“, пишувало во писмото, не без доза ароганција.
Монгкут сепак не се навредил, туку од оваа порака го извлекол најпрактичното - поуката дека за да опстане и Сијам ќе треба да влезе во трговија со Западот и да се прилагоди на новите начини и технологии. Денес не може да знаеме што би се случило доколку адиминистрацијата на Линколн сепак го прифатела подарокот. Можеби и низ САД би шетале слонови, како среде Сијам.