Google Ngram Viewer е онлајн алатка, со која можете да ја пребарувате зачестеноста на кој и да е збор или кратка реченица во базата на Google Books, во периодот која опфаќа печатени извори објавени помеѓу 1800-2012. На овој начин се добива претстава за популарноста на одреден термин, кој пак укажува на некаков став на културата, кој истиот го промовира. Така, „средување" или „раскревање" (declutter) најпрвин се појавил во 1970-тите, зголемувајќи ја својата зачестеност во следните три децении, за да влезе во Оксфордскиот речник на англискиот јазик во јуни 2015. Во меѓувреме списанијата (особено женските) се преполни со совети за организирање на просторот, минималистичко совршенство на шифоњерите и „магијата на средениот дом" (за еден таков бестселер под наслов „Магија на раскревањето: јапонска уметност на организирање" пишувавме тука)
Но за некои луѓе кои не се по раскревањето ова претставува голем притисок. „Дали претпоставуваме дека средувањето е добро само затоа што е спротивно од трупањето?", прашува Вивиен Дилер, психолог од Њујорк која работела со пациенти кои компулсивно се ослободуваат од нивните предмети. „Да се биде организиран и да се фрлаат работи е нешто што нашето општество го поддржува и го фали затоа што е продуктивно. Но земете некого кој не толерира неред, или некој кој не може да седи мирен без да чисти или да фрла работи, и веќе зборуваме за симптом".
Компулсивното средување во тн. Дијагностички и статистички прирачник на ментални нарушувања (Diagnostic and Statistical Manual), стандардна класификација која ја користат докторите во САД, не се појавува како посебно нарушување, и никој не дошол на преглед затоа што премногу расчистува. Но проблемот се манифестира на други начини - несоница, вознемиреност, непријатно чувство ако нештата не се „под конец". Луѓето кои се опсесивни средувачи знаат да седнат на психијатрискиот кауч и да почнат да ги разместуваат перниците. Ваквиот ритуал предизвикува моментално смирување, но и зависност за тоа да го правиш повторно и повторно.
Хелен Барбур, која има свој блог со наслов Неволниот перфекционист (The Reluctant Perfectionist), и е авторка на книгата „Од А до Ш на нормалното" (The A to Z of Normal), роман за опсесивно-компулсивното однесување, верува дека културното поттикнување и позитивно вреднување на чистото (наспроти несреденото и валканото) им прави уште поголем проблем на оние со нарушување како нејзиното. „Кога ми доаѓаат гости се воодушевуваат од редот кој владее кај мене, и велат дека кај нив е хаос. Но она што тие не го сфаќаат е колку време и енергија ми одзема таа милиметарска прецизност и колку сум вознемирена кога работите не се средени". Барбур живее сама, делумно и затоа што ја нервира кога некој ѝ растура по дома.
Така, додека оние кои трупаат се етикетирани и стигматизирани, овие другиве, кои всушност имаат подеднакво голем проблем, се сметаат за урнек, како сите треба да се однесуваме. Ако во моментов ви пречи тоа што помеѓу овие два збора има неколку празни места повеќе, и ви иде да влезете во текстов и да ги избришете, можеби и вие сте нешто повеќе од само „уредни". Ние ќе ги оставиме некое време, трпејќи ја сафрата на неуредноста.