Кога јогата ја сметале за антихристијанска „филозофија на склопчената змија“

Во раните денови на јогата во САД скептиците предупредувале дека таа може да ги поттикне луѓето (пред сè жените) да преминат во паганизам, односно да застранат во своето однесување и убедувања.

„Ева повторно го јаде јаболкото“, напишала Мејбл Потер Даџет додека ги предупредувала нејзините читатели за новата источна пропаганда позната како јога. Нејзините зборови, специфично насочени кон американските христијани, се појавиле во 1911, во мрачно насловена статија „Инвазија на безбожниците“. Даџет, американска писателка и новинарка, веројатно сметала дека е нејзина одговорност да го вклучи алармот за повторната појава на првиот грев, во форма на јогата.

Кога оваа практика била воведена во Америка, во 1893, од свами Вивекананда на Светскиот парламент на религии во Чикаго, таа не била прифатена од страна на доминантно христијанското американско општество. Една од причините била што и самите христијански лидери предупредиле дека јогата не се однесува само на зајакнување на физичката кондиција и намалувањето на стресот, туку дека е асли хинду религиско движење кое е спротивно на христијанството. Оттаму, практикувањето јога на преминот од 19 во 20 век за Американците, особено за жените, не било баш едноставна работа. 

Ова не значи дека таа не се проширила како шумски пожар. Модата на јогата или на источната филозофија, чиј амблем била „склопчената змија“, според нејзините противници им го „миела мозокот“ на граѓаните на образованото западно општество. Жените биле наводно особено подложни на нејзиното влијание, затоа што јогата им нудела лажни ветувања за вечна младост. 

Во 1894, една година откако Вивекананда ја претставил практиката на спомнатиот саем на религии, тој формирал здружение во Њујорк, како реакција на растечкиот интерес. Негови следбеници и промотори станале особено побогатите жени, во денешен жаргон „инфлуенсерки“, кои имале и широка општа култура и биле сметани за рафинирани. Медиумите ги предупредувале нивните, а и мажите воопшто, дека ваквите „култови“ ги „киднапираат“ и ги „крадат“ белите жени, и во метафорична но и во реална смисла. Како стандардни методи за оваа цел биле наведувани магија и хипноза. 

Сепак, не биле само жените по јогата. Пјер Бернард, на пример, бил ран американски радикал и јогин кој се обидел да ја промовира на запад како „езотерична гимнастика“, значи не како верска идеологија, туку како начин човек да се одржи здрав и среќен. Тој и неговата сопруга, Бланш ДеВрис, ја презентирале јогата како практична, морална и научна, истовремено вклучувајќи ја во „пакетот“ и нејзината мистичност. Сепак, и тие не наишле на добар генерален прием, напротив биле бркани од град во град. Дури во 1918 воспоставиле свој јога клуб во државата Њујорк, кој бил стигматизиран како место за „неморални и егзотични активности“.

Требало да помине долго време пред јогата на запад да биде прифатена без страв од нехристијански убедувања. Денес, низ САД има околу 41 милион студија за јога и нејзини комбинации со други фитнес вештини, и тоа е сигурен знак за нејзината иднина. 

извор

28 јули 2023 - 10:07