Гестот со три прста од „Игри на гладните" го означува отпорот на населението на Панем кон диктаторската власт, а оние кои поздравуваат на овој начин во филмот не можат да се надеваат на ништо добро. Но истиот стана знак за препознавање во реалниот живот, помеѓу оние кои протестираат против војската во Тајланд.
Минатиот месец тајландската армија изврши воен удар (повеќе за темата тука), што за жителите на Банкок значеше не само политички хаос и отежнато движење низ градот заради полицискиот час, туку и укинување на меѓународните канали за вести како CNN или BBC, a oд непознати причини и на HBO, па дури и каналот Дизни. Незадоволството од ваквиот развој на настаните ескалира во масовни протести, во кој гестот од „Игри на гладните" станува знак за обединување и искажување на гневот.
Ова не е прв случај на прелевање на политичката иконографија од филмското платно на улиците. Еден од примерите е добро познатата маска на Анонимус, која се користи од страна на оние кои протестираат заради различни причини насекаде низ светот. Таа потекнува од филмската адаптација на графичкиот роман „В за вендета" на Алан Мур, а илустрирана од Дејвид Лојд и претставува стилизирана верзија на Гај Фоукс (Guy Fawkes), најпознатиот член на тн. „Барутна завера", чија цел била да го крене во воздух Домот на лордовите во Лондон во 1605.