Секој(а) што го гледала Оскар Ајзак во „Луин Дејвис" на браќата Коен (за што пишувавме тука), како во живо ги пее баладите од саунтракот и се вози во метро со мачка во скутот, лаже ако изјави дека барем на момент не посакал да го гушне. Ставот ни се зацврсти по „Екс Макина" (да, и за него пишувавме, тука), особено сцената во којшто тој, како посекси верзија на Траволта, игра со еден хуманоид. Уште не сме го гледале новиот „Војни на ѕвездите", но викаат и во него бил срцка.
И после сето ова, би помислиле дека човекот би требало да е насекаде токму заради шармот и актерскиот ангажман. Ама деновиве социјалните мрежи, па дури и дел од неговата „фан база", масовно го исхејтаа затоа што е сликан со маица со - корица на книгата Atlas Shrugged (кај нас преведена како „Рамнодушниот Атлас") на Ајн Ранд, и тоа пред пет години! (слика горе)
Што е проблемот со маицата?, веднаш прашаа помладите, а повозрасните и поинформираните подготвено објаснија дека Ајн Ранд е „супер хардкор капиталист", дека била противник на каков и да е облик на колективизам и промовирала рационален етички егоизам спротивен од филозофијата на алтуризмот. „Луѓето како неа се истите оние кои велат дека ако си сиромашен тоа си е твоја вина", е анализата на ликот и делото на Ранд на еден од критичарите на гестот на Ајзак, кој се толкува како поддршка на идеите во книгата. „А може само му се допаднал дизајнот на корицата?", се обидува (безуспешно) да го оправда друг.
Ова секако не е ни прв ни последен пат позната личност да е жртва на хејтање на социјални мрежи, кое магнетски повлекува дури и нејзини дотогаш лојални фанови. Тие одеднаш како хипнотизирани почнуваат да плукаат по неа, придружувајќи се на општото срамотење.
Еден од ваквите примери е блогот „Твојот миленик е проблематичен", на кој се коментираат наводни расистички, хомофобични, и секакви други политички некоректни изјави и постапки на познати личности, како антидот на нивното бесконечно и некритичко славење и фалење. Феноменот е веќе наречен „Њутновиот закон на Тамблер" според кој за секое обожавање има подеднакво гласно антиобожавање (што ќе рече хејтање). Најлесен начин да се најдат на Гугл е име на некоја позната личност комбинирано со зборовите „ух", STFU (shut the fuck up) и нивни варијации.
Границата помеѓу критиката и отвореното непријателство и омраза која се шири на овие блогови е тенка. Од една страна се вели дека разоткривањето на мааните на познатите личности помага во тоа тие да се портретираат како обични луѓе од крв и месо, кои некогаш можат и да згрешат, и да очекуваат дека ќе бидат опоменати за тоа од нивните фанови, кои не ги идолизираат како богови. Од друга страна начинот на којшто некој се напаѓа може да биде толку остар што да не му остава можност за цивилизиран одговор, особено ако нападот е неоправдан. Така „опомени го твојот идол" може лесно да прерасне во „убиј го!".
За сите хејтери на Ајзак, им ја препорачуваме неговата верзија на песната од Star Wars на Бил Мареј. Што се однесува до нас може слободно да ја пее и со соблечена маица.