Францускиот поет наводно не уживал пишувајќи писма, но сепак тоа го правел со неверојатна умешност, луцидност и епистоларен стил. Збирката „Одбрани писма на Бодлер: потрага по осаменост“ која излезе на англиски во 1986, содржи коресподенција преку која може да се следат неговите дневни битки, финансиските проблеми, здравствените тегоби предизвикани од сифилисот, неговиот однос со жени (посебно со мајка му), како и со неговите современици, како Флобер, Иго и Сент-Бев.
Но едно од писмата се издвојува, а Бодлер го испратил на Рихард Вагнер, во знак на почит и благодарност. Во него, на 17 февруари 1860, Бодлер пишува:
„Секогаш си замислував дека колку и некој голем уметник да е навикнат на слава, тој не може да биде нечувствителен кон искрен комплимент, особено ако тој е во форма на крик на благодарност; а таквиот крик добива особена вредност кога доаѓа од Французин, што значи од човек кој не е предиспониран да биде енгузијастичен, а е роден во земја каде луѓето ретко ги разбираат сликарството и поезијата, не повеќе отколку што ја разбираат музиката. Најпрвин би сакал да ви кажам дека ви го должам најголемото музичко задоволство кое некогаш сум го искусил. Стигнав до возраст кога слободното време не се минува во пишување писма до славни личности, и ќе се мислев дали да ви пишам за да го изразам моето обожување, ако не налетав на бесрамни и смешни статии во кои се прават напори да се наклевети вашиот гениј. Вие не сте првиот човек, господине, заради кој имам страдано и се имам срамено од мојата земја. Сакав да се издвојам од овие имбецили“.
Бодлер во музиката на Вагнер препознал вербално неизразливи духовни реалности, нешто што и тој самиот не бил способен да го пренесе со зборови.
„Првиот пат кога бев во Италијанскиот театар за да ги слушнам вашите дела бев полн со неправедни предрасуди, но имам оправдување: премногу често сум бил измамуван, сум слушал толку многу музика од претенциозни шарлатани. Но вие веднаш ме освоивте. Она што го почувствував е вон секој опис, и ако бидете доволно учтив да не се насмеете, ќе се обидам да ви го пренесам. На почетокот ми изгледаше дека ја познавам оваа нова музика, но подоцна, откако размислив, сфатив од каде дојде таа илузија: ми изгледаше дека оваа музика е моја, и ја препознав на начин на кој секој човек ги препознава работите за кои е предодреден да ги сака. За секого освен за интелигентен човек оваа изјава би можела да звучи крајно глупаво, особено кога доаѓа од некој како мене, кој не ја познава музиката“.
Бодлер го завршува писмото потсетувајќи го Вагнер на по малку тажната вистина за доживувањето на уметноста: тоа е интимен чин, трансформативен до степен до кој на човек му е тешко да зборува за тоа, а камо ли да го артикулира на оној којшто му го овозможил. Но од друга страна, уметниците треба да знаат дали и кога повлијаеле врз нечиј живот. Затоа и Бодлер решил да му се обрати на големиот композитор, иако на крајот додава: „Не ви ја пишав мојата адреса, за да не мислите дека барам нешто од вас“.
Извор: Брејнпикингс