Мики Роу (Mickey Row) е одбран да ја игра главната улога во драма базирана на бестселерот „Необичниот случај со едно куче ноќе“ на Британецот Марк Хадон. Се работи за роман раскажан во прво лице од Кристофер Џон Франсис Бун, 15-годишно момче коe се опишува себеси како „математичар со тешкотии во однесувањето“. Неговата дијагноза во книгата не е наведена, но авторот во една прилика изјави дека тоа е намерно, затоа што сакал таа да биде сфатена како приказна за тоа како е да се биде аутсајдер во општество во кое различноста знае да е рамна на проклетство.
И критиката, и медицинските професионалци високо ја оценија, како „прекрасен есеј за комуникацијата, за секој со макар и најмал интерес за спектарот на аутистични пореметувања“. Во 2012 Бред Пит ги купи правата за филмска верзија за Ворнер Брос, но засега од неа има само неколку британски театарски верзии. Оваа со Мики Роу ќе биде нејзино прво поставување во САД.
Актерот по повод претставата изјави дека му е чест да ја претставува својата заедница, како обид да се демистифицираат и разбијат големиот број дезинформации и стереотипи кои владеат околу аутизмот. Реакциите во однос на белите актери кои играат не-бели улоги (како во случајот со најавата дека Леонардо ди Каприо ќе го игра Руми во биографски филм посветен на славниот персиски писател, за кој пишувавме тука) се сè позачестени, но до сега никој нема реагирано што, на пример, еден Дастин Хофман го играл „Рејнмен“, или што Џим Парсонс кој го игра Шелдон во „Биг бенг тиори“ нема (или барем не е очигледно дека има) слично пореметување.
Роу објаснува дека аутистичните актери се соочуваат со голем број предизвици кога бараат ангажман. „Голем дел од интервјуата имаат врска со тоа како ќе влезете во просторијата и со муабетот кој го водите пред и по вистинската аудиција. На аутистичните оваа спонтаност им паѓа тешко и може да биде голем хендикеп во добивањето улоги“.
Секако, тоа што Роу е првиот актер кој отворено зборува за својот аутизам, не значи дека пред него немало аутистични актери, но тие заради стигмата која се поврзува со оваа состојба одбрале да молчат. Според него, младите актери кои имаат некој вид психолошка попреченост сакаат да видат позитивни примери кои ќе им укажат на тоа дека ако си различен токму тоа е квалитетот кој му е потребен на театарот и на филмот, затоа што на тој начин можеш да дадеш нешто што не може да го долови никој друг.
Извор: Салон
Бонус: Објаснувањето кое го даде актерката која ја игра Ејми од Биг бенг тиори (а која, патем, има докторат од невронауки), кога Нил деГрас Тајсон во интервју ја праша дали Шелдон има Аспергер или некој друг тип на асоцијално однесување