За Хај-он-Вај, велшкото место полно со книжарници, пишувавме и претходно во статија посветена на трендот на економски спас на провинциски гратчиња и села преку нивно ребрендирање во центри кои комбинираат туризам, купување книги и читање.
Хај-он-Вај е токму такво место во Велс, кое има и една необична „продавница“ на отворено. Се вика Кесл Букшоп, и работи и кога сите останати книжарници во местото ќе затворат. Принципот е - одбери книга, и стави пари во кутија. На овој начин таа е отворена 24 часа, и за ноќните читачи или оние кои на враќање од пабот сакаат уште малку да бидат на чист воздух.
Оваа традиција трае од 1960-тите, но замокот по којшто книжарницата го добила името е многу постара - речиси 1000 години, изграден во време на норманската инвазија на Британија. Оној кој во модерни времиња најмногу придонел за развој на гратчето е извесен Ричард Бут, кој го трансформирал заспаното селце во динамична независна економија.
Ова се случило токму во 1960-тите кога тој сфатил дека голем број млади како него ги напуштаат своите родни градови во внатрешноста за да појдат на факултет во големите центри. Но ова имало страшни последици по помалите, рурални економии. Затоа, откако наследил имот од вујко му почнал да работи на заживувањето, со отворањето на првата книжарница во стара пожарникарска станица, а истовремено го купил и замокот кој бил во фаза на распаѓање. Ги отворил портите за јавноста и поставил полици надвор за да креира „чесна книжарница“. Ја полнел главно со книги од библиотеки за кои ќе слушнел дека се затвораат. Бидејќи не добивал поддршка од властите, иронично се нарекол „Крал на Хеј“ и прогласил суверена држава со престол во замокот.
Иако многумина мислеле дека полудел, станал сензација и туризмот во местото толку се развил што се барало кревет (и книга) повеќе. Од тогаш илјадници посетители доаѓаат секоја година, особено за време на годишниот фестивал, кој се промовира како „Вудсток на умот“.