На почетокот на 1980-тите населението во селото Реду во француското говорно подрачје на Белгија почнало да се намалува. Семејствата почнале да се иселуваат, и местото кое некогаш имало неколку илјади жители се свело на 400 души.
Но тогаш во празните амбари и куќи се доселила група книжари, и го трансформирала местото во книжевен центар. „Повеќе книжарници отколку крави“, велеле селаните, откако биле отворени десетина дуќани преполни со книги, кои привлекле илјадници туристи на шармантните улици на местото.
Но денес повеќето од половината од книжарниците се затворени. Некои од сопствениците починале, други заминале бидејќи не можеле веќе економски да издржат. Оние кои останале имаат по 70 години и не знаат што ќе се случи откако ќе ги нема.
Ова не се смета само за загрозен бизнис, туку станува збор за идентитетот на Реду, како „главен град“ (односно село) на книгата. Бандерите и кантите за отпадоци во него се украсени со библиофилски пораки и хиероглифи.
Места како Реду порано имало повеќе, а најпознатото е она кое го формирал ексцентричен Британец кој донел илјадници книги во велшкото гратче Хај-он-Вај во 1960-тите. Ричард Бут, како што се викал човекот, починал во 2019, а го трансформирал Хај во глобално средиште на книги од втора рака, привлекувајќи бројни книжари да отворат сопствени продавници во истото место.
Успехот на Бут инспирирал мали заедници низ светот да се ребрендираат себеси како места каде човек може да дојде и да се одмори, но и раат да копа по книги, без притисокот на тоа дека треба да се врати на работа или да трча по други обврски.
Во примерот на Реду се вклучени не само книжари, туку и професионалци од другите области на издаваштвото и производството на книги. Во 1984 тука се преселиле и илустратор, подврзувач на книги и производител на хартија. Во старото училиште се населиле млади семејства и студенти. Целата заедница станала еклектичен збир на луѓе кои со овој чекор се одважиле против мејстримот, и во смисла на индустрија и во смисла на начин на живот. Ова повлекло и други промени - била отворена првата пекарница, а за потребите на новонаселените никнале и нови услужни дејности.
Денес во селото има 12 книжарници чија иднина е неизвесна, бидејќи клиентелата која до сега купувала книги старее и исчезнува. Ова подразбира и ризик од исчезнување и на постоечките книги, кои само во една од денес постоечките книжарници бројат над 30.000 наслови. „Ние сме како Астерикс“, вели сопственик на книжарница која специјализира продажба на стрипови и графички новели. „Последното село кое се бори против сите“.